Два и пол милениума стара историја снимена во длабочините во турски Егил
Егил, кој се наоѓа на 52 километри од раздвижениот центар на Дијарбакир, низ историјата бил дом на многу цивилизации уште од античките времиња...
ДИЈАРБАКИР (АА) - Во Егил, во турската покраина Дијарбакир, снимени се историски структури стари околу 2.400 години кои се наоѓаат во длабочините на водата, јавува Анадолу.
Егил, кој се наоѓа на 52 километри од раздвижениот центар на Дијарбакир, низ историјата бил дом на многу цивилизации уште од античките времиња, а денес привлекува големо внимание со своите верски, природни и културни вредности.
Браната Диџле, чија изградба започнала во 1986 година, а во 1997 година започнало нејзиното полнење, покрај тоа што е главен извор на вода за пиење во градот, привлекува внимание и со историските градби што ги крие во своите длабочини.
Додека гробниците на божјите пророци Зулкифл и Елјеса во 1995 година биле спасени од надојдените води и пренесени на ридот Неби Харун, голем број карпести гробници, џамии, медреси и амами сè уште го чуваат своето постоење под површината на водата.

Екипите за подводно пребарување и спасување (САК) при Обласната жандармерија, за време на редовниот тренинг по нуркање, снимија некои од овие потопени градби.
- „Врз овие артефакти може да се спроведат подводни археолошки истражувања“ -
Деканот на Факултетот за уметност и дизајн при Универзитетот Диџле (ДУ), проф. д-р Ирфан Јилдиз, за Анадолу укажа на историското значење на Егил. Тој појасни дека првите населби во областа датираат од периодот на Хури-Митаните, а потоа владееле Асирците, Урарту, Медите, Персијците, Рим и Византија, за по 639 година областа да потпадне под власт на исламските држави.
„Со почетокот на изградбата на браната Диџле во 1986 година, областа претрпела одредени трансформации“, рече тој.

Проф. Јилдиз додаде дека со изградбата на браната Диџле, многу населби и споменици кои некогаш биле на брегот на реката Тигар останале под вода.
Објаснувајќи дека во сушните години, со повлекувањето на водата, силуетите на некои градби во акумулацијата стануваат појасни, Јилдиз изјави:
„На снимките направени од екипите или преку силуетите што се појавуваат со повлекувањето на водата од езерото, гледаме дека овие историски споменици го зачувале своето постоење и интегритет под водата и стојат цврсто, иако со децении се под вода. Во езерото на браната Диџле се наоѓаат дела стари околу 2.400 години. Подводната археологија е моќна гранка која се развива во Турција. Може да се спроведат подводни археолошки истражувања за овие споменици кои останаа под езерските води.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
