политика, Балкан

Минчев во Белград: Соработката на Северна Македонија и Србија во јавната администрација влегува во поконкретна фаза

„Уверен сум дека оваа соработка ќе придонесе за посилни институции и поефикасна администрација во двете држави“

Elena Trenchevska Chekovic  | 20.03.2026 - Обновена : 20.03.2026
Минчев во Белград: Соработката на Северна Македонија и Србија во јавната администрација влегува во поконкретна фаза Фото: Влада на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за јавна администрација на Северна Македонија Горан Минчев од Белград порача дека соработката меѓу Северна Македонија и Србија во областа на јавната администрација навлегува во поконкретна фаза, со јасно дефинирани активности и механизми за реализација, пренесува Анадолу.

Минчев, како што соопшти Министерството, денес во Белград остварил средба со министерката за државна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.

„Денешната средба претставува важен чекор во продлабочувањето на институционалната соработка меѓу двете земји, особено во управувањето со човечките ресурси, подготовката на политики и развојот на информациските системи“, истакна Минчев, потенцирајќи дека веќе воспоставената рамка преку Меморандумот од 2024 година сега се надградува со конкретни активности.

Во фокусот на средбата, според соопштението, било и унапредувањето на системот на обуки преку размена на програми и воспоставување мрежа на обучувачи, како и поврзување на дигиталните платформи за е-учење.

Посочено е дека за поефикасна имплементација е формирана и заедничка работна група која ќе го следи напредокот и ќе ги координира активностите: „Уверен сум дека оваа соработка ќе придонесе за посилни институции и поефикасна администрација во двете држави“, посочил Минчев.

Министерството за јавна администрација истакна дека останува посветено на спроведување на сеопфатни реформи и професионализација на администрацијата, со цел градење ефикасни, транспарентни и услужно ориентирани институции во интерес на граѓаните.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.