Со напорите на Турција, сијамските близнаци од Сирија по 101 ден повторно во прегратката на својата мајка
Близнаците Бесам и Ихсан се родени на 25 октомври минатата година во со војна разорениот Идлиб, а нивниот татко Махмуд Салих реши да побара помош од Турција откако дозна за состојбата на децата при раѓањето

АНКАРА (АА) - Мајка на сијамски близнаци по 101 ден повторно е со своите бебиња, благодарение пред сѐ на напорите на турските власти кои помогнаа оваа мајка од северна Сирија да допатува во Анкара, главниот град на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Близнаците Бесам и Ихсан се родени на 25 октомври минатата година во со војна разорениот Идлиб, а нивниот татко Махмуд Салих реши да побара помош од Турција откако дозна за состојбата на децата при раѓањето.
По позитивниот одговор, сијамските близнаци првин се префрлени во најјужната турска област Хатај, а подоцна во познатата болница на Медицинскиот факултет во Анкара на лекување.
Со напорите на турските власти, таткото на близнаците, исто така, пристигна со нив во Анкара, оставајќи зад себе уште три деца со нивната мајка во Сирија.
Махмуд (40) во разговор за АА раскажа како поминало патувањето од Идлиб до Анкара, не криејќи ги своите емоции.
Рече дека откако дознал за состојбата на бебињата, побарал помош од Турција за неговите деца да можат да се лекуваат во таа земја.
„Фала му на Алах, нашето барање беше одобрено и успеав да ги доведам децата во болницата во Хатај, а потоа беа префрлени во болница во Анкара“, рече Махмуд.
Иако здравствените работници, од медицинските сестри до лекарите, хирурзите и главните лекари, им пружаа љубов и грижа на бебињата, ним сепак им беше потребна мајка да ги храни до денот на операцијата за разделување.
- Рака за помош од Турција -
Турската влада потоа ги интензивираше напорите да ги донесе мајката и нејзините три деца во Турција за да може целото семејство повторно да биде заедно.
„Зад нас се многу тешки моменти. Морав да ги оставам сопругата и децата. Но, благодарни сме што сега тие се тука и што повторно сме заедно“, рече Махмуд.
Тој изрази посебна благодарност до турската влада, нејзините официјални претставници и здравствените работници за нивните напори и помошта што им ја пружиле.
„Кога веќе не знаев што да правам, Турција ни пружи рака“, додаде Махмуд.
Во меѓувреме, мајката на сијамските близнаци Лубаба нестрпливо чекаше пред собата за интензивна нега за конечно да биде со своите бебиња.
Напоменувајќи дека поминала низ тешки времиња додека бебињата биле далеку од неа, таа рече дека дури и се разболела поради разделбата, и други проблеми.
„Се разболев додека моите деца беа одвоени од мене три месеци. Нивниот татко, исто така, не можеше да биде со нас во Сирија“, рече Лубаба, и ѝ се заблагодари на Турција за помошта и поддршката што ја добија.
„Фала му на Алах, воодушевена сум и радосна што ги гледам моите деца“, додаде Лубаба.
Болницата на Медицинскиот факултет во Анкара е една од најпознатите универзитетски болници во Турција која со помош на најмодерна технологија и медицински уреди годино пружа помош на стотици илјади луѓе секоја година.
- Постапката на раздвојување мора да биде постепена -
Д-р Саадет Арсан, шефица на Одделот за педијатрија во болницата во Анкара, за АА истакна дека овие сијамски близнаци делат некои органи и стомачната празнина бидејќи едното бебе нема бубрези, собирен канал, мочен меур и панкреас.
Додека бебињата се лекуваа во болницата три месеци, формиран е Совет на експерти од сите медицински дисциплини за да се разговара за процесот на операцијата.
„Како резултат на тоа заклучивме дека постапката на одвојување на близнаците ќе мора да биде постепена и ќе вклучува низа операции за кои ќе биде потребно време. Во текот на нашиот последен состанок на Советот се сложивме дека не смееме да брзаме со процедурите“, рече др. Арсан.
Освен медицинската нега за близнаците, Арсан рече дека како болница ги преземале и потребните напори да ги спојување на бебињата со нивното семејство.
„Секое бебе треба да расте и да се развива во семејно опкружување“, додаде др. Арсан, борејќи се да ги задржи солзите радосници откако го виде целото семејство на едно место.
„Кога семејствата не се грижат за своите бебиња тие не се развиваат како што треба. Затоа, како медицински тим, сме многу среќни и возбудени што овде го гледаме целото семејство“, рече др. Арсан.
- За операцијата потребен е голем тим од луѓе -
Давајќи детали за состојбата на близнаците и процесот на нивно раздвојување, детскиот хирург на болницата при Медицинскиот факултет во Анкара, др. Ѓулнур Голу Бахадир, рече дека за операција во вакви случаи е потребен голем тим на луѓе за спроведување на потребните подготовки за операцијата.
„Состојбата на едното бебе е малку посложена. Има сериозни проблеми со уринарниот тракт, а ја дели и мембраната на нивното срце, црн дроб и панкреас. Едно од бебињата, кога штотуку пристигна, исто така немаше анус. Моравме веднаш да извршиме операција и хируршки вградивме анус“, рече др. Голу Бахадир.
Истакна дека постапката на одвојување на сијамските близнаци може да потрае долго, додавајќи дека целото педијатриско одделение внимателно го следи целиот процес.
„Ги започнавме подготовките за нивно раздвојување, но тоа ќе потрае, можеби година или две“, додаде др. Голу Бахадир.
Сијамските близнаци сега ја чекаат операцијата за раздвојување, но отсега се опкружени со љубовта, грижата и постојаното присуство на нивното семејство.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.