Балкан

Северна Македонија: Претседателот Пендаровски му го додели мандатот на Димитар Ковачевски

- Во својот говор претседателот Стево Пендаровски се осврна на Уставот на земјата и на известувањето од СДСМ за предлог за мандатар, додавајќи дека тој е поддржан од коалицијата која го има мнозинството во Собранието

Abdula Berisha  | 29.12.2021 - Обновена : 30.12.2021
Северна Македонија: Претседателот Пендаровски му го додели мандатот на Димитар Ковачевски Фото: Абдула Бериша / АА

СКОПЈЕ

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, му го додели мандатот за состав на нова влада на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во својот говор претседателот се осврна на Уставот на земјата и на известувањето од СДСМ за предлог за мандатар, додавајќи дека тој е поддржан од коалицијата која го има мнозинството во Собранието.

„Врз основа на член 84, став 1, алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, и известувањето за предлогот за мандатар доставен од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, а поддржан од политичките партии во состав на коалицијата кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот во Собранието на Република Северна Македонија, за мандатар за состав на Владата го определувам господинот Димитар Ковачевски, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, рече Пендаровски.

Мандатарот за формирање на влада, Ковачевски, истакна дека веднаш започнува со формирањето на новиот состав на Владата, додавајќи дека турбулентните времиња бараат стабилни, одговорни и храбри луѓе.

„За мене претставува голема чест и одговорност доделениот мандат од претседателот Стево Пендаровски да ја формирам новата влада. Од денеска започнувам со формирање на новиот тим луѓе кои ќе треба да одговорат на сериозните предизвици кои нѐ чекаат веќе од почетокот на следната година. Живееме во турбулентни времиња, времиња на кризи и неизвесности, соочени сме со долгогодишни проблеми кои го попречуваат напредокот на државата и остварувањето на стратешките цели. Ваквите времиња бараат стабилни, одговорни и храбри луѓе, кои ќе понесат одговорност да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните“, рече Ковачевски.

Потсетуваме дека на 23 овој месец, Собранието на Северна Македонија ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, која тој ја најави по неповолните резултати од локалните избори одржани во октомври, по што претседателот на Собранието, Талат Џафери, го извести и претседателот Пендаровски дека треба да именува мандатар за состав на нова влада.

По доделување на мандатот, новиот мандатар има рок најдоцна од 20 дена до Собранието да достави нов состав и програма на Владата. Откако мандаторот ќе го достави предлогот, започнува да тече нов рок од 15 дена во кој треба да се свика седница да се гласа за новата влада.

Вчера, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека очекува од новиот мандатар дека нема да оди до крајните рокови. Тој очекува околу 10-11 јануари да добие предлог за состав на Владата и програма, додавајќи дека ако се случи тоа, седницата би се одржала на 15-16 јануари, за на 17 јануари новата влада веќе да биде изгласана.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.