Балкан

Муцунски: Наш неостварен стратешки приоритет е отворањето на преговорите и што побрзо членство во Европската Унија

Муцунски истакна дека државата континуирано ја следи дискусијата во рамки на европските институции и различните дебати што се водат

Dzihat Aliju  | 19.03.2026 - Обновена : 20.03.2026
Муцунски: Наш неостварен стратешки приоритет е отворањето на преговорите и што побрзо членство во Европската Унија

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, рече дека неостварен стратегиски приоритет на земјата е отворањето на преговорите и што побрзо членство во Европската Унија (ЕУ), пренесува Анадолу.

Во гостување во вестите на една телевизија, Муцунски истакна дека државата континуирано ја следи дискусијата во рамки на европските институции и различните дебати што се водат.

„Ние секако ја следиме дискусијата, како и различните дебати што постојат, но во овој момент наш неостварен стратешки, надворешнополитички приоритет на државата е отворањето на преговорите за членство и што побрзо полноправно членство во ЕУ“, нагласи тој.

Додаде дека од аспект на начинот на кој се носат одлуките во ЕУ, за евентуална промена на методологијата или на правилата поврзани со проширувањето е потребен консензус.

„Според тоа што го слушаме, постојат повеќе различни идеи за тоа како одредени земји членки или групи на земји членки, па дури и Европската комисија, ја гледаат иднината на политиката за проширување. Но она што е јасно е дека, барем во овој момент, нема консензус по ниту едно од овие алтернативни решенија“, додаде министерот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.