Балкан

Макрон: „Северна Македонија заслужува да ги отпочне преговорите без одложување"

„Северна Македонија заслужува да ги отпочне преговорите без одложување. Јас сум лично вклучен да се најде решение со Бугарија“, рече претседателот Макрон во изјава пред работната вечера.

Admir Fazlagic   | 11.06.2021
Макрон: „Северна Македонија заслужува да ги отпочне преговорите без одложување" ( Foto: Albert Cara / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ 

Претседателот на Република Северна Македонија, Зоран Заев пристигна во работна посета на Република Франција, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, во Елисејската палата премиерот Заев беше пречекан од претседателот на Република Франција, Емануел Макрон по што следуваше заедничката изјава за медиумите.

„За нас е многу важно што Франција го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, со јасно поставени стандарди и без да се губи време. Пред нас е Самитот на Европскиот Совет во јуни, што е вистинска можност за чекор напред и за решение кое ќе ја оттргне блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решенија, а најважното просперитетно решение пред нас е решението за почеток на преговорите кој ќе биде одобрен од сите земји членки на ЕУ“, истакна премиерот Заев во својата изјава.

Тој потенцираше дека предложените решенија на португалското претседателство се добра основа и дека земјата е подготвена за билатерален дијалог кој ќе донесе разумен и взаемно прифатлив договор во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, потенцирајќи дека прашањата за македонскиот јазик и идентитет не може да бидат на преговарачката маса.

Претседателот на Франција Емануел Макрон во својата изјава го истакна напредокот на Северна Македонија кој го нарече дека е „исклучителен".

„Европската Унија донесе одлука уште во март минатата година да ги отпочне преговорите со вашата земја и сега е време таа одлука да се конкретизира и Франција активно го поддржува тоа. Северна Македонија заслужува да ги отпочне преговорите без одложување. Јас сум лично вклучен да се најде решение со Бугарија“, рече претседателот Макрон во изјава пред работната вечера.

Премиерот Заев изрази посебна чест и благодарност до претседателот Макрон за кој рече дека има посебно место во развојот на француско - македонското пријателство, особено преку јавната поддршка за референдумот за Договорот од Преспа во 2018 година, со што се докажа поддршката на реформската агенда на Северна Македонија и регионот

„Посебна чест е можноста да ја оствариме оваа работна вечера во Елисејската палата. Денешната средба ги збогатува нашите пријателски билатерални врски, во годината кога одбележуваме 28 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Франција“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека со отворањето на канцеларијата на Француската агенција за развој во Скопје се очекува нова динамика на соработка и огромни можности за проширување на економската и трговската размена, како и инвестициите особено во областите инфраструктура, енергетика, воена индустрија, постројки за третман на отпадни води и во други области.

Во рамки на посетата, премиерот Заев и владината делегација во состав на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи остварија работна вечера со претседателот Макрон во Елисејската палата во Париз.​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.