Во Северна Македонија пристигнаа 200.000 дози на вакцината од кинескиот производител „Синофарм“
„Процесот на вакцинација со кинеските вакцини ќе започне во вторник. Ова е месец во којшто очекуваме големи количества на вакцини, и верувам дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на вакцинирано население“, истакна Филипче

СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија утрово пристигнаа 200.000 дози на вакцина од производителот „Синофарм“ од Народна Република Кина, со кои ќе се овозможи масовна имунизација на населението во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за здравство на Северна Македонија.
Во соопштението се нагласува дека овие вакцини се обезбедени во директни преговори со производителот.
Министерот за здравство, Венко Филипче, ја најави претстојната поопсежна имунизација која ќе започне од вторник, односно веднаш по дистрибуцијата на предвидените дози до сите пунктови каде што ќе се спроведува.
„Вакцините ќе бидат сместени во ладната соба во Поликлиниката „Јане Сандански“, а ќе се дистрибуираат согласно закажаните термини за имунизација, односно врз основа на заинтересираноста која граѓаните ќе ја искажат најпрво преку веб-страницата „vakcinacija.mk“, но и преку матичните лекари“, се вели во соопштението.
Филипче истакна дека верува оти до почетокот на летото ќе има висок процент на население кое ќе биде вакцинирано, а во текот на овој месец се очекува да се добијат и дополнителни поголеми количества на вакцини, со што, според него, ќе се придонесе до уште поголем опсег при имунизацијата.
„Рано утрово пристигнаа долгоочекуваните вакцини од производителот „Синофарм“ од Народна Република Кина, и дозволете на почетокот да изразам голема благодарност за личниот ангажман на амбасадорот, Неговата екселенција Џанг Ѕуо, за луѓето од неговиот тим со коишто комуницираме секојдневно целиот овој изминат период и благодарение и на нивното инсистирање, оваа пратка е сега во нашата земја“, нагласи Филипче.
Тој рече дека станува збор за количество од 200.000 вакцини кои службите ќе ги одработат соодветно во делот на проверка на ладниот ланец.
„Тие ќе се сместат во ладната соба која беше поставена благодарение на Фондацијата „Direct Relief” и од тука во текот на следните денови, најдоцна в понеделник, ќе бидат дистрибуирани во сите вакцинални пунктови“, нагласи тој.
Според него, тоа се пунктовите за масовна вакцинација низ државата и во Скопје, во Салата „Борис Трајковски“ и во другите шест града - Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, и според распоредот на веќе пријавените граѓани ќе биде распределена и бројката на вакцини.
„Процесот на вакцинација со кинеските вакцини ќе започне веќе во вторник. Ова е месец во којшто очекуваме и други, значајно големи количества на вакцини, и искрено верувам дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население кое ќе биде вакцинирано. Сето тоа ќе придонесе до целосно менување на сликата на епидемијата кај нас“, додаде Филипче.
Според соопштенеито, амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, истакнал дека сплотеноста на земјите при процесот на имунизација значи многу за глобалното справување со оваа пандемија, и дека со тоа се испишува ново поглавје во пријателските односи помеѓу двете земји.
„Денес, пристигнувањето и официјалното доставување на првите 200.000 дози на вакцина на „Синофарм“ против Ковид 19 во Северна Македонија не само што претставува нова пресвртница на солидарноста меѓу нашите земји во борбата против епидемијата, туку исто така напиша и ново поглавје во пријателските односи меѓу нашите два народа. Вакцинацијата е важен чекор во спречување, контрола и пораз на епидемијата. Кина ги прогласи вакцините за глобално јавно добро и се приклучи на програмата Ковакс на СЗО“, нагласи Ѕуо.
Тој истакна дека Кина обезбедува итно потребни вакцини на повеќе од 100 земји и меѓународни организации, и според него, пристигнувањето на кинеските вакцини во Северна Македонија денес го потврдува дејствувањето на Кина во сплотеноста при градење на заедница со цел подобро заедничко здравје за човештвото.
„Вакцинацијата е важна алатка за контрола и пораз на епидемиите. Кина во моментов е во процес на масовна вакцинација, со повеќе од 200 милиони вакцинирани граѓани. Сепак, како земја со население од 1,4 милијарди жители, сè уште постои голем јаз за постигнување на имунитетна бариера. Побарувачката за вакцини во Кина останува огромна. Како и да е, Кина наоѓа начини да обезбеди поддршка на земјите во неволја, вклучително и за Северна Македонија, за заедничка заштита на животот и здравјето на луѓето во земјите. Драго ни е што кинеските вакцини можат да придонесат во напорите за вакцинација на луѓето од Северна Македонија“, додаде кинескиот амбасадор Ѕуо.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.