Elena Trenchevska Chekovic
06 Декември 2025•Ажурирај: 07 Декември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, присуствуваше на официјалната церемонија на отворањето на 23-то издание на Доха Форумот 2025 што под покровителство на емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад бин Тани кој беше отворен денес во главниот град на Катар, пренесува Анадолу.
Овогодинешниот дводневен форум се одржува под темата „Правдата на дело: Повеќе од само ветување за напредок“, и претставува глобална платформа за дијалог, дипломатија и конкретни акциони решенија, наменета за постигнување на фер, транспарентен и одржлив свет.
На маргините на Форумот, Гаши оствари билатералана средба со шеиката Ал Мајаса Бин Хамад бин Калифа-Ал Тани, претседателка на Музеите и културното наследство на Катар. Како што соопшти Собранието, Гаши на средбата истакнал дека високо ја цени визијата на Катар во развојот и промоцијата на културата, музејските вредности и културното наследство.

„Тоа може да претставува силен мост за поврзување на нашите народи имајќи предвид дека Северна Македонија е богата со културно и историско наследство, а истовремено е отворена за соработка, размена на знаења и модерни пристапи во заштитата, дигитализацијата и презентацијата на културата“, посочил Гаши.
Двајцата соговорници се согласиле дека унапредувањето на соработката може да продолжи во областа на филмската индустрија и изразиле верување дека може да се отворат значајни можности за соработка со филмските институции и филмските фестивали во Катар — преку заеднички продукции, филмски фестивали, размена на професионалци и поддршка за млади режисери и продуценти, со цел создавање на проекти што можат да привлечат меѓународно внимание.
На маргините на Доха Форумот, според собраниската прес-служба Гаши ќе оствари средба и со својот колега Хасан Бин Абдула Ал-Ганим, претседател на Советот на Шурата на Катар, како и со Султан Бин Саад Ал Мураики, државен министер за надворешни работи на Катар.