Христијан Мицкоски реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Од делегатите на 18. партиски конгрес кој се одржа во Кавадарци, Мицкоски е избран да ја води партијата во наредните четири години што според статутот на партијата би бил негов последен мандат
СКОПЈЕ (АА) - Христијан Мицкоски денес е реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, добивајќи го третиот мандат за раководење на владејачката партија во Северна Македонија, јавува Анадолу.
Од делегатите на 18. партиски конгрес кој се одржа во Кавадарци, Мицкоски е избран да ја води партијата во наредните четири години што според статутот на партијата би бил негов последен мандат.
Претседателот на Изборната комсија, Зоранчо Јованчев, истакна дека од 817 присутни делегати, 804 гласале и дале поддршка за нов мандат на Мицкоски, кој беше и единствен кандидат за функцијата.
Инаку, на конгресот одржан под мотото „Визија што гради држава - За генерацијата што доаѓа 2030“ се усвоени и два документа: Стратегијата 2025–2030 и Доктрина.
Мицкоски во своето обраќање по изборот се заблагодари за довербата и рече дека денес победил патот трасиран за Македонија.
Тој се осврна на донесените документи за кои рече дека треба да ја обноват вербата во политиката, и дека се рамката што треба да ја стабилизира и европеизира државата:
„Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор и рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала.“
Мицкоски се осврна и на прашањето со Бугарија истакнувајќи дека се има желба за решение, но дека во моментов нема соговорник од другата страна.
„Нѐ чекаат сериозни предизвици. Имаме отворено прашање со Бугарија, но се чини дека нема соговорник од другата страна. Имаме желба да постигнеме фер решение, но за секој договор сакам да знам, за разлика од моите претходници во владата, што добива Македонија и граѓаните од сето тоа. “
Тој рече дека сака да ја знае точната иднина која ќе се обезбеди за народот на земјата и додаде:
„Европската Унија се чини неподготвена да го фасцилитира овој процес, пред сѐ, поради своите внатрешни проблеми. А, од друга страна, државава премногу даде на патот кон ЕУ која е и понатаму наша цел, но да бидеме реални дека ние мораме да посветиме внимание пред сѐ на домашната задача, да обезбедиме иднина за сите граѓани. И Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и Власи и Бошњаци и сите останати“, истакна Мицкоски.
Тој рече дека не е проблем внесувањето на Бугарите во Уставот, туку новите условувања кои, тврди, ќе следат на патот на евроинтеграцијата на земјата.
„Прашањето со Бугарија не е дали ќе има Бугари во Уставот. Нив може од утре да ги има и јас немам никаков проблем со тоа, проблемот е што тоа не е крајот, туку тука ќе почнат нови и нови условувања и Македонија ќе прерасне во нов експеримент, откако двапати менуваше име, менуваше знаме, документи и којзнае колку пати менуваше Устав“, рече тој.
Додаде дека решението кое би се постигнало мора да обезбеди зачуван идентитетот и дека нема да има „некое ново предавство“.
Порача дека негова должност е да работи на остварувањето на визијата за стабилна и просперитена Македонија, истакнувајќи дека во овој последен мандат нема да работи за да остане претседател туку за да создаде генерација што ќе биде подобра од него и најдобра за Македонија.
