Средба Муцунски - Сијарто во Виена, нагласени динамичната соработка и поддршката на Унгарија за евроинтеграцијата
Разговорите, освен билатерлани, опфатија и теми поврзани со актуелните случувања во регионот и Европа, партнерството во рамките на НАТО и процесот на членство во Европската Унија
СКОПЈЕ (АА) - На маргините на министерскиот состанок на ОБСЕ во Виена, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, имаше средба со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, јавува Анадолу.
Како што истакна Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, двајцата министри изразиле задоволство од динамичната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Унгарија, како и од континуираниот политички дијалог на високо ниво.
„Тие го нагласија силниот потенцијал за унапредување на соработката во низа сектори и за продолжување на меѓусебната поддршка во различни мултилатерални формати. Беше потенцирана подготвеноста на двете држави за натамошно интензивирање на соработката во претстојниот период“, се вели во соопштението.
Се додава дека било поздравено и неодамнешното одржување на петтата седница на Мешовитата комисија за економска соработка меѓу двете држави, како значаен механизам за зајакнување на билатералната соработка во повеќе области.
Разговорите опфатија и теми поврзани со актуелните случувања во регионот и Европа, партнерството во рамките на НАТО и процесот на членство во Европската Унија, при што била истакната значајната поддршка што Унгарија ѝ ја обезбедува на Северна Македонија во овој процес.
