Во Валандово отворен 32-от Пролетен фестивал „Хидрелез“
Амбасадорот Улусој рече дека доаѓањето на пролетта се одбележува со ентузијазам во многу земји од Анадолија до Балканот, од Кавказ до Блискиот Исток и Централна Азија, секоја година, рамо до рамо меѓу различните етнички заедници во Северна Македонија

ВАЛАНДОВО (АА) – Денес во Валандово беше отворен 32-от Пролетен фестивал „Хидрелез“, кој е на Листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, јавува Анадолу.
Свеченото отворање се одржа во селото Чалакли во Валандово, на кое присуствуваа турскиот амбасадор во Скопје, Фатих Улусој, поранешниот претседател на Северна Македонија, Ѓорге Иванов, градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов, турски пратеници и политичари од Северна Македонија, заменик-претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Махмут Чевик, како и претставници на фестивалот, претставници на разни организации од Туркије, претставници на турски и локални институции и организации во земјата, како и жители на регионот.
Во својот говор по повод настанот, амбасадорот Улусој им ги пренесе поздравите на претседателот Реџеп Таип Ердоган на учесниците и им се заблагодари на сите кои придонесоа за организацијата на фестивалот.
Улусој нагласи дека доаѓањето на пролетта се одбележува со ентузијазам во многу земји од Анадолија до Балканот, од Кавказ до Блискиот Исток и Централна Азија, и потсети дека секоја година доаѓањето на пролетта се слави рамо до рамо меѓу различните етнички заедници што живеат во Северна Македонија.
„Северна Македонија, која ги содржи сите елементи на Балканот, е пример за Балканот и за светот со културата на мирен соживот на Турците, Македонците, Албанците, Србите, Бошњаците, Ромите, Власите и другите заедници“, рече турскиот амбасадор.
Од друга страна, потпретседателот на ТИКА, Чевик, изјави: „Овие прослави, кои започнаа во 1991 година по независноста на Северна Македонија, нудат сериозни придобивки во однос на зајакнувањето на нашиот идентитет и зголемувањето на нашата солидарност. Ќе продолжиме да го поддржуваме Меѓународниот пролетен фестивал Хидрелез, кој континуирано го поддржуваме во последните 20 години, бидејќи овие фестивали мора и ќе продолжат како значајна активност што ја отелотворува нашата обврска за постоење, единство и солидарност.“
Чевик изјави дека ТИКА ќе продолжи со своите активности за заштита на културното наследство на Балканот.
Градоначалникот Костадинов, исто така, истакна дека на фестивалот се истакнуваат „културата традицијата и сјајот на нашата локална заедница“.
Тој рече дека преку овој празник се слави животот, се поздравува пролетта и се посакува богат род благосостојба и добро здравје за секој човек, додавајќи дека гестивалот ги преплетува „вековните традиции на нашите пријателски народи“.
„Среќен сум што токму празникот Хидрелез кај Турците, и Ѓурѓовден кај Македонците, како заеднички празнувања се поттик за создавање на овој фестивал кој е меѓународно признаен и потврден од УНЕСКО“, изјави Костадинов.
Претседателот на фестивалот, Шенол Тахир, ѝ се заблагодари на Туркије за нејзината поддршка на фестивалската култура која продолжува со години.
- Фестивалот е на Листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО од 2017 година -
На фестивалот настапија ансамбли за народни игри од Туркије и балканските земји, а интерес привлече и традиционалното борење.
Во рамките на програмата, каде што беа поделени плакети во знак на благодарност на поединци и институции кои придонесоа за организацијата на фестивалот, беше посетена и изложбата поставена во селското училиште.
Фестивалот, кој започна вчера под покровителство на министерствата за култура и туризам на Северна Македонија и Туркије, а поддржан од ТИКА и Халкбанк Скопје, како и од многу други институции и организации, ќе заврши на 7 мај.
Пролетниот фестивал „Хидрелез“ беше додаден на Листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО во 2017 година со заедничка иницијатива на Туркије и Северна Македонија.