политика

Претседателката Сиљановска-Давкова се сретна со италијанскиот претседател Матарела

Двајцата претседатели разговарале за „македонскиот евроинтеграциски пат, при што е констатирано дека Италија, како дел од неформалната група 'Пријатели на Западен Балкан', ја препознава важноста на проширувањето на ЕУ“

Elena Trenchevska Chekovic, Fatjon Cuka, Agim Sulaj  | 26.05.2025 - Обновена : 27.05.2025
Претседателката Сиљановска-Давкова се сретна со италијанскиот претседател Матарела Фото: Кабинет на претседателката на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во Рим оствари средба со италијанскиот претседател Серџо Матарела, на која е истакнато дека Италија е важен политички и економски партнер на земјата, пренесува Анадолу.

Кабинетот на претседателката соопшти дека двајцата лидери разговарале за „македонскиот евроинтеграциски пат, при што беше констатирано дека Италија, како дел од неформалната група 'Пријатели на Западен Балкан', ја препознава важноста на проширувањето на ЕУ“.

Искажувајќи благодарност за силната италијанска поддршка, Сиљановска-Давкова истакнала дека претседателот Матарела, како голем пријател на земјата, но и на Западен Балкан, веќе разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при што рекол дека „Европската Унија не смее да дозволи ние да бидеме жртва на идентитетски прашања или на билатерализација врзана за идентитетски прашања“, се наведува во соопштението на Кабинетот.

„Очекува тој, и јас очекувам да дојде до разговори со нашите соседи да видиме кое е можеби најдоброто решение“, истакнала претседателката, додавајќи дека ги реафирмирала заложбите за гаранции.

Таа посочила дека ако ова биде уште една од промените на која укажува Европската Унија „не само што ние нема ништо да добиеме туку нема да добие ништо ниту Балканот бидејќи ќе се повтори приказната за вето и приказната за билатерализација на евроинтеграцијата“, соопшти Кабинетот.

Сиљановска-Давкова утрово во Ватикан имаше и аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV.

На средбите при посетата на Италија претседателката потсетила дека ЕУ без принципи и вредности не може да биде филозофија, не може да биде престижна и инспиративна заедница, но исто така ја нагласила и потребата „да седнеме културно со соседите, во случајов со Бугарија, и да го решиме проблемот“.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.