Hatice Kesgin
05 Декември 2016•Ажурирај: 05 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Резултатот од претседателските избори во Австрија, во кои екстремно десничарската национална партија има околу 47 отсто од гласовите, мора да се протолкува внимателно, изјави денес турскиот министер за ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Според првичните резултати, независниот кандидат Александер Ван де Белен победи вчера на претседателските избори во Австрија, оставајќи го зад себе кандидатот на екстремно десничарската Партија на слободата, Норберт Хофер.
Државниот радиодифузен сервис ОРФ објави дека Ван де Белен добил 53,3 отсто од гласовите додека Хофер 46,7 отсто.
Турскиот министер за надворешни работи, Омер Челик, на Твитер објави дека иако Партијата на слободата изгубила, гласањето покажало дека нејзиното политичко влијание е зголемено.
Тој рече дека промовирањето на екстремната десница и расистичките идеи во клучните земји од ЕУ можат да создадат големи проблеми.
„Иако екстремната десница изгуби на гласови, политички се искачи во Австрија“, напиша Челик.
Челик додаде дека 47 отсто од гласовите за екстремно десничарскиот кандидат мора да се протолкуваат многу внимателно за доброто на европската политика.
На 1 јули, австрискиот Уставен суд ги поништи резултатите од претседателските избори во мај и повика на повторно гласање.
Судот соопшти дека изборите ќе треба да се повторат на национално ниво, по откривањето на нерегуларностите во пребројувањето на гласовите во неколку гласачки подрачја.