Ekip
18 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
КАБУЛ (АА) - Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска е прогласен за победник на претседателските избори, по неколкумесечното одолговлекување од нивното одржување во септември минатата година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хава Алам Нуристани, претседателката на Независната изборна комисија, изјави дека Гани освоил 50,64 отсто од гласовите, исполнувајќи го минималниот услов.
„Со ова го прогласувам Мохамед Ашраф Гани за избран претседател на Исламска Република Авганистан во наредните пет години“, рече таа.
Претходно денеска, портпаролот на претседателот, Седик Седикиха, на прес-конференција изјави дека следниот потег на Владата е да формира инклузивен тим за разговори со Талибанците по очекуваниот договор меѓу бунтовниците и САД, кон крајот на овој месец.
„Во врска со деталите за да се намали насилството, авганистанските безбедносни сили работат во блиска соработка со американските партнери“, изјави тој.
Според првичните резултати објавени во декември, Гани ги обезбеди потребните минимални 50 отсто плус еден глас, во првиот круг избори одржани на 28 септември, не оставајќи простор за втор круг.
Според резултатите, Гани освоил 50,6 отсто од гласовите, а по него следуваа Абдула Абдула со 39,5 отсто и Гулбудин Хекматјар со освоени 3,8 отсто од гласовите. И двајцата ги отфрлија првичните резултати.