Sanela Crnovrsanin
14 Ноември 2019•Ажурирај: 15 Ноември 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Првиот круг од претседателските избори во Хрватска ќе се одржи на 22 декември оваа година, јавува Агенција Анадолија (AA).
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, во своето обраќање на почетокот од состанокот на Советот на министри соопшти дека на 22 декември ќе се одржи првиот круг од претседателските избори.
Пленковиќ информираше дека на 22 ноември ќе започне пријавувањето на кандидатите за претседател, и дека 10.000 потписи потребни за кандидатура треба да се достават до Државната изборна комисија на оваа земја во рок од 12 дена од денот на започнување на пријавувањето.
Во случај во првиот круг ниту еден од кандидатите да не добие над 50 отсто од гласовите, вториот круг на избори ќе се одржи на 5 јануари 2020 година.
Инаку, актуелната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, поранешниот премиер, Зоран Милановиќ, и пејачот Мирослав Скоро соопштија дека ќе бидат кандидати за претседател.
Според анкетите, моменталната претседателка води пред другите кандидати, а не се очекува ниту еден од кандидатите да победи во првиот круг.