Abdula Berisha
14 Ноември 2019•Ажурирај: 16 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, учествуваше на Бизнис-форумот меѓу Северна Македонија и Русија, кој се одржува во рамки на Заедничката меѓувладина комисија, која официјално ќе започне утре во Охрид, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заев во своето обраќање истакна дека односите меѓу двете земји имаат пријателска традиција, нагласувајќи дека постојат големи неискористени потенцијали.
Премиерот Заев изрази задоволство од организирањето на Заедничката меѓувладина комисија која се активира по петгодишна пауза.
„Посебна чест е денеска да ја поздравам и работата на 9. сесија на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка помеѓу нашата земја и пријателска Русија. Односите меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација се традиционално пријателски и нив ги карактеризира позитивен дух, но и одредени неискористени потенцијали“, рече Заев.
Укажувајќи на статистичките податоци кои велат дека трговската размена со Русија сочинува само 1 отсто од општата трговска размена на Северна Македонија, Заев истакна дека таа е мошне ниска, и дека претставува предизвик за посуштинска соработка.
Запрашан по настанот дали повторното активирање на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Русија претставува некој вид одговор кон Европската Унија (ЕУ), Заев нагласи дека не се работи за некоја порака, и дека единствената алтернатива на земјата остануваат ЕУ и НАТО.
На Бизнис-форумот меѓу Северна Македонија и Русија, покрај премиерот Заев, учествуваа и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и други министри. Од руската страна учествуваа заменик-министерот за индустрија и трговија на Русија, Алексеј Груздев, амбасадорот на Русија во Скопје, Сергеј Баздникин и голем број бизнисмени.