Abdula Berisha
14 Ноември 2019•Ажурирај: 15 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Македонско-турската стопанска комора (МАТТО) денеска организира работилница на која се дискутираат и се анализираат потребите на приватниот сектор, како и можностите за зајакнување на економската одржливост во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Копретседателот на МАТТО и директорот на компанијата ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, рече дека целта на работилницата на која што присуствуваат донатори, академици и претставници на приватниот сектор, е да се привлечат што е можно повеќе странски директни инвестиции во Северна Македонија.
„Денеска сме тука да имаме работилница за да ги разбереме и анализираме потребите на приватниот сектор и да ја зголемиме соработката на донаторите и приватниот сектор, да ја зголемиме економската одржливост во земјата и да привлечеме повеќе странски директни инвестиции. За да разбереме што треба да правиме во иднина, за да имаме одржлив економски развој, разговараме за тоа кои се нашите постојни проблеми, прашања, грижи, предизвици и можности“, рече Ерсој.
Тој исто така рече дека по завршувањето на работилницата, предвидено е да се состави еден список што ќе биде испратен до Владата и институциите, којшто ќе ги содржи потребите на приватниот сектор и тоа што може овој сектор да направи во соработка со државните институци.
Илија Господинов од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, рече дека оваа работилница е добра можност да се разговара пошироко за проблемите на приватниот сектор.
„Oна што денеска очекуваме да се случи е да поразговараме подетално на темите коишто нѐ засегаат сите, со цел да постигнеме поголем економски раст. Тоа би подразбирало, според мене, прво дискусија помеѓу нас, но и со оние коишто ја креираат политиката, во насока на тоа што треба да биде нашиот фокус на национално ниво, во која насока треба да го движиме економскиот раст“, рече Господинов.
Откако ќе се воспостави фокусот на национално ниво, Господинов смета дека треба да се постават сите помошни механизми, со посебен акцент на образованието, кое, според него би било поддршка на повисокиот економски раст, особено во модерните индустрии.