Zülfiya Yakup
14 Ноември 2019•Ажурирај: 15 Ноември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Канцеларијата на комисионерот за јазици во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Косово, заедно со членовите на Мрежата за јазични политики денеска додели награда „Најдобри практики во примената на Законот за употреба на јазиците“ на косовското Министерство за администрација на локалната самоуправа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Наградите се доделени врз основа на набљудување на употребата на официјалните јазици на официјалните веб-страници, вклучително и на социјалните мрежи на соодветните институции. Косово има два официјални јазици, албански и српски, а на локално ниво, босанскиот, турскиот и ромскиот јазик се користат во зависност од структурата на населението.
На церемонијата, на која присуствуваа претставници на различни институции, Министерството за администрација на локалната самоуправа, предводено главно од министри од српската заедница, ја освои главната награда за најчеста и соодветна употреба на јазиците, во согласност со Законот за употреба на јазиците. На Судскиот совет на Косово и Министерството за регионален развој им беа доделени и симболички сертификати и подароци.
Косовскиот комесар за јазици, Славиша Младеновиќ, на церемонијата изјави дека во текот на годината е воочено подобрување на употребата на службените јазици во министерствата.
„Ситуацијата што ја видовме во првиот момент не беше задоволителна. Во многу случаи имало недостиг на информации на официјалниот јазик, недостигаа вести, документи, а во некои случаи немаше ниту еден превод на службен јазик, во повеќето случаи на српски јазик. Ние со министерствата постојано соработувавме и во повеќето случаи ситуацијата постепено и значително се подобрува“, рече Младеновиќ.
Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Косово, Јан Брату, рече дека наградите имаат за цел да ги охрабрат сите институции за спроведување на законите за употреба на јазиците. Тој истакна дека Косово има обврска да ја спроведе правната рамка во однос на употребата на јазиците и дека јазиците се европска вредност.
„Јазиците се важни. Тие, се разбира, се важни за нас како поединци затоа што нѐ дефинираат кои сме ние како индивидуи и ги дефинираат нашите односи со нашите заедници. Јазиците се дел од нашиот идентитет, нашата култура, и нормално е поединците да сакаат да го штитат и зачуваат својот јазик“, рече амбасадорот Брату.
Целта на воспоставување практика за доделување награди е да се истакнуваат позитивни примери и да се укаже на оние што професионално си ја вршат работата. Наградите беа доделени за првпат, а планот е оваа практика да стане традиционална.