Husamedin Gina
21 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, истакна дека изградбата на аеродромот во Штип не е економски оправдана и дека инвестицијата на компанијата „ТАВ Македонија“, планирана според Законот за јавно приватно партнерство од скоро 50 милиони евра, ќе биде пренаменета за проекти од јавен интерес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, денеска имаше работен состанок со менаџментот на „ТАВ Македонија“.
По состанокот, министерот Бектеши и директорот на компанијата „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, одржаа заедничка прес-конференција.
Министерот Бектеши, истакнувајќи дека изградбата на карго аеродромот во Штип не е економски оправдана, рече дека средствата на ТАВ од околу 50 милиони евра, што се наменети за аеродромот, ќе бидат пренасочени во проекти од јавен интерес.
„За таа вредност сите општини во нашата држава веќе доставија проекти. И во зависност од тоа ние како Влада ќе треба да утврдиме програма, која ќе ја доставиме до менаџментот на ТАВ, со динамика на реализација. Генерално преговорите одат во таа насока дека реализацијата на овие проекти ќе се изврши во рок од 3 години“, рече Бектеши.
Тој додаде дека парите ќе бидат насочени на проекти од јавен интерес, како што се канализации, водоводи, градинки, училишта, но истовремено и општински згради, сè со цел подобрување на услугите што ги добиваат граѓаните.

Директорот на компанијата „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, истакна дека на денешната средба со министерот Бектеши дискутирале за правните аспекти околу пренасочувањето на средствата што се наменети за изградба на карго аеродромот во Штип.
„Мора да истакнеме дека ние се сложуваме со оваа одлука на Владата бидејќи ние ја сакаме Република Северна Македонија и во наш бенефит е наместо да се вложат тие пари во изградбата на карго аеродром во Штип, којшто не би имал толкав економски бенефит за економијата, тие средства да се пренаменат во проекти кои ќе бидат во корист на граѓаните на Северна Македонија“, нагласи директорот на ТАВ, Алпер Ерсој.
На новинарското прашање дали ќе бараат некои бенефити од Владата поради кризата со Ковид-19 и последиците со кои се соочува „ТАВ Македонија“, директорот Ерсој рече дека авијацијата е една од најпогодените индустрии од пандемијата.
„Факт е дека аеродромите се затворени, а тоа значи никакви приходи во тоа време. Мора да истакнеме дека приходите се драматично намалени во овој период. Ќе поднесеме барање до Владата во однос на тоа прашање“, нагласи Ерсој.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција исто така истакна дека генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, наредниот месец ќе замине од Северна Македонија.