Uğur Aslanhan
20 Септември 2020•Ажурирај: 21 Септември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) – УГУР АСЛАНХАН –
Економската организација за соработка на земјите во развој (Д-8) и Институтот за светски туризам (World Tourism Forum Institute) потпишаа договор за зголемување на соработката меѓу земјите од Д-8 во областа на туризмот, да се зголемат приходите од туризмот и земјите да се промовираат на глобално ниво.
Претседателот на Институтот за светски туризам, Булут Багџи, за Агенција Анадолија (АА) рече дека тековните разговори меѓу Генералниот секретаријат на земјите од Д-8 и Институтот вродиле со плод и дека е потпишан договор.
Багџи, потсетувајќи дека Д-8 е формирана во 1997 година по иницијатива на Неџметин Ербакан, рече дека целта е да се подобрат економските и социјалните односи на населението од земјите членки.
Во Д-8 членуваат Турција, Иран, Пакистан, Бангладеш, Малезија, Индонезија, Египет и Нигерија.
Според Багџи, населението на Д-8 достигнало 1,1 милијарда, а организацијата станала многу помоќна.
Тој, исто така, додаде дека организацијата Д-8 достигнала економска моќ од 3,7 билиони долари и дека обемот на извозот надминал 700 милијарди долари.
Наведувајќи дека земјите од групата Д-8 со младото и динамично население соработуваат во многу области, Багџи рече дека членките имаат за цел да ја зголемат и соработката во туристичкиот сектор.
„Во овој контекст, потпишавме договор помеѓу Генералниот секретаријат на Д-8 и нашиот институт. Нашата прва цел е да го зголемиме бројот на туристички активности, бројот на туристите и да ги промовираме земјите во однос на туризмот. Со тоа ќе обезбедиме пораст на приходите од туризмот“, нагласи Багџи.
- „Ќе се зголеми бројот на туристи меѓу земјите членки“ -
Багџи посочи дека благодарение на соработката, ќе се зголеми бројот на туристи меѓу земјите членки, а исто така туристичките дестинации и потенцијалот на овие земји ќе биде промовиран пред остатокот од светот.
Наведувајќи дека ќе спроведат процес сличен на апликацијата „Travel Europe“ меѓу земјите на ЕУ, Багџи рече дека во рок од 6 месеци ќе бидат подготвени сите детали и ќе се креира план.
Багџи, наведувајќи дека Турција, Египет, Индонезија и Малезија се во добра позиција во однос на туризмот и привлекуваат значителен број туристи, додаде:
„И овие земји имаат потреба од промоција, но другите земји од групата Д-8 како што Нигерија, Бангладеш, Иран и Пакистан имаат поголема потреба за промоција. Овие земји иако имаат значителен потенцијал сè уште се на почетокот на патот во туризмот. Благодарение на искуството што Турција го има во туризмот, ќе ги промовираме и останатите земји од Д-8.“
Благодарение на тригодишните случувања, промотивните активности и регулативите што ќе се подготват, Багџи рече дека планираат туризмот меѓу земјите членки да го зголемат за 50 проценти, а со остатокот на светот за 100 проценти.