СКОПЈЕ (AA) - Шестиот месец од годината традиционално го означува почетокот на летната туристичка сезона. Туристичките агенции ги нудат своите аранжмани, а граѓаните избираат каде ќе го поминат својот годишен одмор.
Кои се најбараните туристички дестинации за ова лето, кои се цените на аранжманите, но и од каде најмногу доаѓаат туристите во Македонија, се дел од прашањата на кои побаравме одговор од соговониците на Anadolu Agency (AA).
Билјана Џајковиќ, патнички агент од една туристичка агенција во Скопје, во разговор за AA вели дека оваа година Грција е најбарана туристичка дестинација, а аранжманите се движат од 200 евра па нагоре.
„Традиционално најпосетената и најбараната дестинација е Грција, за ова лето како атрактивна дестинација ќе го издвојам Крит со директна чартер линија, од 199 евра па нагоре, што вклучува и директна авионска линија, додека изборот на хотелот останува на самите странки. Постои интерес и за Турција, Хрватска и други дестинации но Грција е најбараната", вели Џајковиќ, истакнувајќи дека Македонија стана интересна дестинацина за туристите, не само во летниот период, туку и во другите месеци.
„Македонија стана интересна дестинација за туристите, не во смисла на летните аранжмани, па акцентот да е ставен само на Охрид, како што беше досега, туку станува интересна и за зимскиот туризам, а Скопје е една од метрополите која туристите ја бараат, поради што ние нудиме аранжмани кои ја покриваат цела Македонија, а најголема посетеност од странски туристи имаме од Турција, Бразил, Шведска, Кина, Кореа, што навистина нè радува", додава Џајковиќ кажувајќи дека аранжманите се движат од 150 евра па нагоре, зависно од барањата на туристите.
- Туристите од Турција најмногу ја посетуваат Македонија -
Салих Уташ, претставник на „Балкан Тур" во Скопје, за АА вели дека турските туристи традиционално сакаат да патуваат низ Балканот затоа и Балканот е популарна туристичка дестинација. Но, не само поради тоа, туку и поради културно-историските дела кои во Македонија датираат од Османлискиот период и го привлекуваат интересот и вниманието на туристите. Освен Македонија и сите други балкански земји се посетувани од страна на турските туристи поради што туристичките агенции организираат балкански тури.
%2F20160619_2_17577404_11457111.jpg)
Кога се во прашање турските туристи и нивните посети во Скопје, Уташ вели дека тие најмогу сакаат да ја посетуваат Старата турска чаршија, бидејќи е една од најголемите Османлиски чаршии која останала до ден денес во Скопје.
„Исто така, туристите од Турција често го посетуваат ,новото Скопје' кое се наоѓа од другата страна на реката Вардар, уживаат во прошетката гледајќи ги модерните згради и скулптури", вели Уташ. Според него, околу 170 илјади туристи од Турција минатата година ја посетиле Македонија.
„Податоците од минатата година покажуваат дека околу 170 илјади турски туристи дошле во Македонија. Причината зошто во споредба со другите балкански земји има повеќе туристи е тоа што Македонија е поблиску до Турција. Сметаме дека во иднина популарноста на овој регион ќе се зголеми а и бројот на туристите од Турција кои ќе сакаат да дојдат тука", смета Уташ.
Фактот дека голем број на туристи ја посетуваат Македонија посебно Скопје и неговиот плоштад го потврдува и возачот на електро-мобил со кој туристите се возат низ централното градско подрачје.
„Има голема заинтересираност, има многу странци во последен период, од регионот и подалеку од Турција има експанзија на туристи од Турција, задоволни се од тоа што го нудиме. Ги поминуваме сите знаменитости низ централното градско подрачје во градот, од Парламентот до пред влезот на Старата чаршија, пред музеите преку Камениот мост, по другите мостови во центарот, театарот" , вели тој, истакнувајќи дека секојдевно во центарот на Скопје има туристи од западно-европските земји, од Бразил, Кувајт, Данска, Австралија, на кои, како што вели, им се допаѓа новиот изглед на Скопје.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на странски туристи во месец март 2016 изнесува 44.593, а бројот на ноќевањата изнесува 94.566. Бројот на туристи во март месец 2016 година во однос на март минатата година зголемен е за 23,3 % а бројот на ноќевања е зголемен за 25,8 %.
- Албанците од странство најмногу патуваат во Турција и Албанија -
Албанците кои работат во западно-европските земји традиционално доаѓаат на одмор во Македонија од каде продолжуваат да патуваат на летување. Лиридона Алиу, од една туристичка агенција од Скопје, вели дека Албанците од странство најмногу патуваат во Турција и Албанија.
„Тие најмногу ја бараат Турција, потоа Албанија. Добар дел од нив кој одат во Албанија, одат во Драч, каде цените се движат по 25 еврпа по човек на ден, популарна дестинација е и Саранда. Исто така и Грција е барана дестинација", вели Лиридона, додавајќи дека граѓаните од Македонија кои живеат во странство патуваат од тука бидејќи цените на аранжманите се поефтини. Исто така, објаснува Лириндона, во јуни месец годинава нема многу патувања бидејќи е месец на постот за верниците муслимани, но сега се резервираат аранжманите бидејќи месец јуни е почетокот на летната сезона.
„Турција како најубава дестинација и оваа година е барана. Во јуни се поефтини аранжманите, поради постот и почетокот на сезоната. Цените се движат од 280 евра па нагоре, во тој износ се вклучени шест ноќевања, седум дена, со аеродромски такси, 'all inclusive' ", изјавува Лиридона, додавајќи дека во однос на Турција најбарани дестинации се Аланија, Анталија, Белек и Сиде.