Ivana Ramadanova
24 Април 2018•Ажурирај: 25 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, и заменик-командантот на Главната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот сер Џејмс Еверард, денеска имаа свое обраќање по повод отворањето на НАТО-работилницата за координација на воени партнерства, чиј домаќин оваа година е Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според министерката Шекеринска, Македонија го покажа своето гостопримство на повеќе од 180 претставници од земјите членки на НАТО и државите партнери во пресрет на Самитот на НАТО, кој треба да се одржи во јули во Брисел, додавајќи дека како земја имаме важни задачи кои треба да ги исполниме до овој самит, иако, како што рече, најголемиот дел се веќе завршени.
„Покажавме дека во делот на демократските реформи, состојбите со медиуми, владеењето на правото, состојбите во администрацијата и меѓуетничките односи, Македонија буквално направи големи чекори напред и тоа ни дава за право да очекуваме таа промена да ја верификуваат, да ја потврдат и да ја ценат сите земји членки на НАТО-алијансата“, потенцираше Шекеринска.
Министерката за одбрана на Република Македонија се надева дека НАТО-алијансата ќе ги препознае одлучната посветеност и цврстата политичка волја на Владата и на мнозинството граѓани во Македонија за остварување на стратешкиот приоритет, членство во НАТО-алијансата, кој остана непроменет и во најтешките моменти и во најдлабоките кризи во коишто Македонија беше во минатиот период.
„Нашата политика ја базиравме на добрососедство и соработка, наместо конфронтации со соседите. На проектирање стабилност, наспроти конфликти и дестабилизации. Тоа е политика за која македонската Влада и мнозинството граѓани се цврсто определени бидејќи сме уверени дека само на таков начин нашата држава може да оди напред“, рече Шекеринска.
Таа истакна дека со поветеноста и целосниот ангажман на припадниците на Армијата во мировните мисии, Македонија покажува дека е кредибилен партнер и дека има што да ѝ понуди на Алијансата.
Министерката Шекеринска додаде дека со право Македонија очекува и работи да стане 30-та членка на НАТО-алијансата.
Заменик-командантот на Главната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот сер Џејмс Еверард, пред присутните изјави дека Македонија е многу ценет партнер на Алијансата и токму поради тоа, оваа работилница е основа за поставување на вистинските предуслови што ќе овозможат координација за соработка со Алијансата.
„На оваа работилница ќе ги поставиме предусловите за успех во 2019 година за сите партнери со коишто соработуваме. Ќе разговараме за потребите и ќе направиме преглед што сака НАТО да добие од партнерите“, рече Еверард.
Тој додаде дека партнерствата се основата на соработката во НАТО и надвор од Алијансата и е од суштинско значење да бидат ангажирани во секоја можност и прилика.
Неколкудневната работилница на која ќе учествуваат околу 200 претставници од членките на НАТО и земјите партнери ќе опфати повеќе теми – операциите предводени од НАТО и учеството на партнерите во овие операции, хармонизација на партнерските процеси, едукација, обуки и тренинзи.
Дел од работилницата ќе биде и презентацијата на 15 образовни капацитети на НАТО и на партнерите, чиј дел е и единствениот НАТО-партнерски центар во Република Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста, како и НАТО-школата во Оберамергау.
Командата на сојузничките сили лоцирана во Монс, Белгија, е главната воена стратегиска команда на Алијансата директно потчинета под една од двете политички команди, Сојузничката команда за операции на НАТО. Главната воена команда на највисоко, стратешко ниво ги раководи сите воени активности на Алијансата.