Adem Balta
28 Октомври 2020•Ажурирај: 29 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека турското Обвинителство започнало истрага против француското списание „Шарли Ебдо“ за навреда на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но дека Турција ќе ја следи таа тема и на меѓународно ниво, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Ќе ги следиме и дипломатските и правните процеси и во Франција и на меѓународно ниво“, рече Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија на прашањето од новинарите во Анкара одговори дека во контекст на актуелните турско-француски односи нема потреба за повлекување на турскиот амбасадор од Париз.
„Ние сме во постојан телефонски контакт со него. Во моментов, ситуацијата не наложува негово повлекување“, рече Чавушоглу.
Коментирајќи ја актуелната состојба во Нагорно Карабах и новите напади во сириски Идлиб, Чавушоглу рече дека за тие теми телефонски разговарал со рускиот колега, Сергеј Лавров, и дека таков разговор имале и претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин.