Behlül Çetinkaya,Mehmet Şah Yılmaz
22 Декември 2022•Ажурирај: 22 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во врска со забраната за високо образование за жените во Авганистан, рече дека таа не е ниту исламска ниту хумана, и порача дека Туркије ја отфрла таквата забрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу денес во Анкара разговараше со Ахмед Авад бин Мубарак, министерот за надворешни работи на Јемен и Јеменците во странство, а на прес-конференцијата одговори на новинарско прашање за забраната за образование на жените во Авганистан.
„Забраната за образование на студентки во Авганистан навистина нѐ вознемирува длабоко и предизвикува сериозна загриженост“, рече Чавушоглу, истакнувајќи дека стабилноста и безбедноста на Авганистан се важни за сите.
Нагласувајќи дека во Авганистан и понатаму постојат терористички организации и дека економијата на земјата не треба да пропадне, Чавушоглу се осврна и на хуманитарната помош на Туркије за оваа земја.
Тој рече дека Туркије го поддржува образованието во Авганистан и дека турските претприемачи продолжуваат да спроведуваат проекти во Авганистан, и покрај ризиците.
„Оваа забрана [за школување на девојчиња] не е ниту исламска, ниту хумана. Затоа, ние ја отфрламе таквата забрана, не ја сметаме за правилна. Се надевам дека ќе се откажат од оваа одлука што е можно поскоро. Станува збор за милион студентки кои може да одат на факултет. Што не е во ред со образованието на жените? Што му нанесува штета на човештвото, што му штети на Авганистан? Која е користа од оваа забрана? Имајте логично објаснување. Има ли исламско објаснување? Напротив, нашата вера, исламот, не е против образованието, туку ги поттикнува образованието и науката. Која е човечката придобивка? Нема логика. Тоа не е ниту хумано, ниту исламско. Затоа, очекуваме Талибанците да се откажат од оваа одлука“, рече Чавушоглу.
Потенцирајќи дека Туркије ќе продолжи да обезбедува образовна поддршка и стипендии за Авганистанците, тој рече дека голем број девојки од Авганистан се школуваат на универзитетите во Туркије.
„Една од нив е нашата студентка Селгеј Исмаилхил, која беше прва на факултетскиот испит. Таа студира на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Хаџетепе“. Кога оваа девојка ќе стане докторка, каква штета ќе направи тоа за Авганистан и авганистанскиот народ? Каква штета наставничка ќе му направи на Авганистан? Каква штета ќе направи медицинска сестра?“, праша Чавушоглу.