Турција

Турција: Член на ФЕТО фатен во Косово, осуден на повеќе од 8 години затвор

Членот на терористичката ФЕТО, Хасан Хусеин Гунакан, кој кон крајот на март минатата година беше фатен во Косово и префрлен во Турција, е осуден на затворска казна од осум години и месец и половина

Murat Paksoy, Murat Kaya  | 28.01.2020 - Обновена : 29.01.2020
Турција: Член на ФЕТО фатен во Косово, осуден на повеќе од 8 години затвор

ИСТАНБУЛ (АА) - Членот на терористичката организација ФЕТО, кој кон крајот на март минатата година во операција на Турската разузнавачка служба (МИТ) е фатен во Косово и префрлен во Турција, Хасан Хусеин Гунакан, е осуден на затворска казна во траење од осум години и месец и половина, јавува Агенција Анадолија (АА).

Пред 30. Кривичен суд во Истанбул денеска е изречена пресудата за Гунакан, кој е обвинет за членство во терористичката организација ФЕТО, одговорна за обид на пучот во Турција во 2016 година и за меѓународна шпионажа.

Гунакан на рочиштето присуствуваше во придружба на адвокат. По завршните излагања на адвокатите на обвинителството и одбраната, судиите ја соопштија пресудата.

Гунакан е осуден на затворска казна во траење од осум години и месец и половина за „членство во вооружена терористичка организација“. Ослободен е од обвинението за кривично дело „меѓународна шпионажа“.

Судот нареди осудениот да остане во притвор.

Обвинителството за Гунакан бараше изрекување на затворска казна во траење од 16 години и половина до 28 години и половина.

МИТ кон крајот на март 2018 година, во соработка со косовската разузнавачка служба изврши успешна антитерористичка акција против терористичката мрежа на ФЕТО на Балканот.

За време на акцијата се фатени Џихан Озкан, Кахраман Демирез, Хасан Хусеин Гунакан, Мустафа Ердем, Осман Каракаја и Јусуф Карабина.

Станува збор за истакнати членови на терористичката организација ФЕТО по кои претходно се распишани потерници во Турција. Фатените лица се предадени на турските надлежни органи на понатамошно процесуирање.

ФЕТО е терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во САД, за кого Турција официјално побара испорачување од САД.

Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за државен удар што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за државен удар во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.