Meryem Göktaş
14 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Јапонскиот политички научник кој предава меѓународна политика на Универзитетот Кејo во Токио, Јуичи Хосоја, изјави дека Турција може да игра поголема улога во новиот глобален поредок, јавува Anadolu Agency (АА).
Во интервју за АА, јапонскиот професор изјави дека Турција има потенцијал да биде мост меѓу западните и не-западните земји, зголемувајќи ја својата улога во новиот глобален поредок.
„Чувствувам дека и Јапонија и Турција треба да бидат мост за различни светови - западниот свет и не-западниот свет, но исто така и либералните демократии и авторитарни режими", изјави Хосоја.
„Со тоа можеме да создадеме поинклузивен и повеќе сеопфатен меѓународен поредок“, додаде Хосоја.
Нагласувајќи дека претходно меѓународниот поредок бил создаден од западните сили и либерални демократии, како САД и Западна Европа, Хосоја изјави: „Основната природа и норми на либералниот меѓународен поредок беа базирани на западните норми“.
„Но, денес гледаме подем на земјите кои не се од Западот, како Индија и Кина, и постои можност да видиме судир меѓу западните сили и сили кои не се од Западот, либералните демократии и авторитарни режими“, додаде тој.
„Бидејќи Јапонија и Турција се лоцирани меѓу западниот и незападниот свет, двете имаат западни елементи во нивното општество, но истовремено имаат и разлики со западните сили“, изјави тој.
Велејќи дека двете земји се сојузници на САД, Хосоја рече дека Јапонија и Турција имаат силни трговски односи со западниот свет, што претставува причина за тоа дека Турција може исто така да има поголема улога.
- Проширување на соработката -
Јапонскиот професор изјави дека Турција, исто така, има потенцијал да ја прошири својата улога во регионот, благодарение на своите силни врски со исламските земји.
„Центарот на економскиот раст во моментот се движи од азиско-пацифичкиот регион до Индискиот Пацифички Океан, и доколку погледнеме во Индискиот Океан, тој е опколен со исламските земји и секако Турција има многу важно место во исламското општество и исламските земји“, изјави Хосоја.
„Тоа значи дека без соработката на Турција, Јапонија не може целосно да го разбере муслиманскиот свет околу Индискиот Океан“, додаде тој.