Nilay Kar,Emre Gürkan Abay,Fatma Esma Arslan
14 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
КАБУЛ (АА) - Турскиот амбасадор Oгузхан Ертугрул во Кабул денес изјави дека Турција е подготвена да помогне во воспоставувањето мир во Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на прес-конференцијата во турската Амбасада во главниот авганистански град, Кабул, Eртугрул изјави: „Турција е подготвена да помогне во прашањето за мир, доколку Авганистан е подготвен за тоа“.
Тој ги даде неговите забелешки откако во Москва се одржа 2. рунда преговори за Авганистан и за прв пат се одржаа директни преговори на Талибанците и Авганистан.
„Учесниците на состанокот се фокусираа на започнување директен интеравганистански дијалог, со цел стабилизирање на регионот, и се согласија на продолжување на консултациите во рамките на овој механизам“, соопштија од руското Министерство за надворешни работи во финалниот заклучок по состанокот.
Нагласувајќи дека Турција е подготвена да ја продолжи својата соработка со Авганистан во секое поле, Ертугрул изјави: „Како Турција, ние исто така ја зајакнуваме нашата економска соработка со Авганистан“.
„Во врска со ова прашање, отворен е воздушен коридор меѓу Турција и Авганистан. Турските компании започнаа со инвестирање во Авганистан“.
Авганистан во изминатите две години има воспоставено воздушни коридори за трговија со Турција, Киргистан, Индија и Саудиска Арабија.
На овие рути е извршен главен извоз на свежо овошје, суво овошје, медицински билки, теписи, скапоцени камења и асафетида.
- ТИКА проекти -
Ертугрул, исто така, ги пофали и спроведените проекти во Авганистан на турската Агенција за соработка и координација (ТИКА).
„Турција оствари стотици проекти во Авганистан преку ТИКА, од кои поголемиот дел се едукациски проекти. Има изградено повеќе од 100 училишта и илјадници студенти се школуваат во овие училишта“, изјави турскиот амбасадор.
Тој, исто така, рече дека воените односи меѓу двете земји се многу добри од минатото до сега.
„Во моментот Турција ги обучува авганистанските полициски службеници и војници. Турските војници, исто така, го обезбедуваат Меѓународниот аеродром Кабул“, изјави Ертугрул.
- Училишта поврзани со ФЕТО -
Амбасадорот потсети дека турската фондација „Маариф“ официјално презела контрола на две средни училишта на терористичката организација ФЕТО во Шебарган и едно во покраината Херат.
„Турција го зголеми квалитетот на едукацијата во тие училишта кои ги контролира и модернизира во рамките на едукацискиот договор направен со Авганистан“, нагласи Ертугрул.
ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а беа ранети речиси 2.200.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за рушење на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и правосудството.