Hatice Şenses Kurukız, Berk Özkan
27 Август 2021•Ажурирај: 27 Август 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција придава големо значење на развојот на мирот и просперитетот на целиот Балкан и се залага за зачувување на мултикултурниот идентитет на регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред да замине во официјална посета на Босна и Херцеговина, Ердоган им се обрати на новинарите на истанбулскиот Аеродром „Ататурк“, каде што рече дека тоа претставува можност да се разговара за заедничките чекори за понатамошно унапредување на соработката.
„Тргнуваме на пат за посета на две пријателски земји на Балканот. Во првиот дел од посетата, во Сараево ќе се сретнеме со членовите на Претседателството на БиХ“, рече Ердоган.
Тој потсети дека оваа година двапати се има сретнато со членовите на Претседателството на БиХ, во март во Анкара и во јуни на Самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа.
„Со пријателска и братска Босна и Херцеговина имаме многу блиски историски, културни и човечки врски. Имаме и многу плодна и широка соработка изградена врз тие темели и врз основа на меѓусебната политичка волја“, рече Ердоган, додавајќи дека за време на неговата посета во Сараево ќе разговара за зајакнување на економската и трговската соработка и ќе се разгледа моменталната состојба во врска со заедничките инфраструктурни и инвестициски проекти.
По завршувањето на посетата на Сараево, утре Ердоган ќе ја оствари својата прва официјална посета на Црна Гора, која, исто така, рече дека е пријателска и сојузничка земја со чии највисоки претставници ќе разговара за низа билатерални, регионални и меѓународни теми.
„Турција придава големо значење на развојот на мирот и просперитетот на целиот Балкан. Ние се залагаме за зачувување на мултикултурниот идентитет на регионот и ги поддржуваме сите напори во тој контекст. Уверен сум дека нашата соработка со БиХ и Црна Гора придонесува за стабилноста на Балканот“, порача Ердоган.
Коментирајќи го вчерашниот терористички напад што се случи во близина на аеродромот во главниот град на Авганистан, Кабул, Ердоган рече дека целата турска нација најостро ја осудува таа катастрофа и обемниот терористички чин.
„Таквиот потег на ДЕАШ покажува за колку опасна терористичка организација во регионот и светот станува збор“, рече Ердоган.
Ердоган, исто така, рече дека продолжува и во најкраток можен рок ќе биде завршена евакуацијата на припадниците на Оружените сили на Република Турција, дел од мисијата во Авганистан.
На новинарско прашање за евентуалните разговори со талибанците, Ердоган рече дека Турција нема да праша никого за дозвола со кого, кога и за што да разговара.
Турскиот претседател истакна дека според податоците на Министерството за внатрешни работи, моменталниот број на мигранти од Авганистан во Турција изнесува 300.000.
Коментирајќи ги неодамнешните изјави на лидерите на Германија за соработката со Турција, Ердоган рече дека тоа е задоцнета одлука и дека Турција не го напуштила Авганистан, додека сите други го направиле тоа.
„Добивме предлог од талибанците да го водиме аеродромот во Кабул. Одлуката сѐ уште не е донесена", рече Ердоган.
Тој нагласи дека Турција е многу претпазлива кога станува збор за миграциите и дека подигнува sидови на границите од Иран до Ирак и Сирија.