Ömer Koparan,Selen Temizer
22 Август 2018•Ажурирај: 23 Август 2018
АЗАЗ (АА) - ОМЕР КОПАРАН/СЕЛЕН ТЕМИЗЕР – Турските вооружени сили (ТСК) во соработка со бунтовничката Слободна војска на Сирија (ССА) пред две години ја покренаа офанзивата „Штитот на Еуфрат“ со која се срушени терористичките упоришта и започнат е нов живот на северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Офанзивата е започната со ослободување на сирискиот пограничен град Џарабулус. За време на шестмесечните операции, од терористите на северниот дел на Сирија е исчистено подрачје од 2.055 километри квадратни.
Во изминатиот период на тоа подрачје ситуацијата е стабилизирана, граѓаните се враќаат во своите куќи, а обновата и развојот на регионот се во тек, вклучувајќи ја и ревитализацијата на образовниот и здравствениот систем.
Турските сили, офанзивата „Штитот на Еуфрат“ ја започнаа на 24 август 2016 година, а веќе по 12 дена ја остварија и првата цел на оддалечување на терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ од сириската граница со Турција.
Во втората фаза на офанзивата, турските сили продолжија да го шират слободниот регион и се фокусираа на ослободување на Ал Баб, град кој во близина на Алепо се сметаше за главна тврдина на терористите на ДЕАШ.
Кон крајот на февруари минатата година, турските сили и ССА го ослободија Ал Баб, со што Турција остана надвор од досегот на артилериските проектили на ДЕАШ, а спречен е и обид на ЈПГ/ПКК долж северната сириска граница да воспостави терористички појас.
По завршувањето на офанзивата, турските сили и деминерите ги неутрализираа преостанатите терористички елементи и мински полиња, а ослободениот регион од Азаз до Џарабулус стана познат како регион на офанзивата „Штитот на Еуфрат“.
Турските безбедносни сили воспоставија контрола во тој регион и започнаа процес на обнова и овозможување на враќање на бегалците. За безбедноста се грижат Сиријците обучени од турските сили.
Формирани се и локални собранија кои со поддршка на Турција работат на обнова на девастираните градови.
Според податоците на локалните собранија, во изминатиот период е забрзано враќањето на бегалците во тој регион. Моментално, на тоа подрачје живеат околу 1,5 милион лица, што е за петпати повеќе во однос на бројот на населението за време на терористичката окупација.
Како сигурна оаза, регионот ослободен со офанзивата „Штитот на Еуфрат“ стана засолниште на прогонетите Сиријци од другите делови на таа земја.
Градовите Маре, Азаз, Џарабулус, Кобанбеј и Ал Баб полека го враќаат некогашниот епитет на трговски, сточарски и земјоделски регион, за што значително придонесе и отворањето на филијала на турската пошта PTT.
За време на тригодишната окупација, терористите на ДЕАШ во тој регион девастираа училишта и други инфраструктурни објекти.
Во изминатите две години обновени се и адаптирани речиси 500 училишта, за што поддршка пружаат турското Министерство за образование и Фондацијата „Маариф“.
Со поддршка на Турција е оспособен и наставниот кадар, а околу 6.000 наставници работат на обнова на училиштата во кои наставата ја следат речиси 200.000 ученици.
Процесот на враќање на бегалците во тој регион го охрабрија и инвестициите во здравствениот сектор. Турција во Џарабулус изгради државна болница која дневно во просек пружа здравствени услуги за 400 пациенти. Обновени се и болниците во Азаз и Џарабулус. Во тек е изградба на нови болници во Ал Баб и во подрачјата Маре и Кобанбеј.
Со поддршка на турската Фондација „Дијанет“ во тој северносириски регион обновени се и 108 џамии во кои верски услуги пружаат околу 500 службеници.