ТРАБЗОН (АА) - Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, истакна дека во наредните денови ќе ја информираат јавноста околу тоа какви врски воспоставиле американските генерали со терористичките организации ПКК и ПЈД, јавува Anadolu Agency (AA).
Сојлу имаше свое обраќање на еден состанок со локални претставници одржан во турскиот град Трабзон, на кој го пренесе поздравот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Сојлу се осврна и на обидот за државен удар на 15 јули во Турција, и рече дека веќе 6-7 години се вршат постојани напади врз нејзините стабилност, единство и развој.
Според него, откако Турција го затвори својот долг кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), била изложена на големи и систематски напади
„Првин настаните во (паркот) Гези, потоа настаните од 17 до 25 декември, по кои следуваа зголемени терористички настани по изборите на 7 јуни. Па кога видоа дека не успеаја, во ноќта на 15 јули директно нападнаа. Потоа извршија една мала операција со девизите, но видоа дека не може, и во минатиот август извршија голема операција со девизите“, додаде Сојлу.
Сојлу нагласи дека исто и во Европа биле реализирани маршови и упатени таканаречени реакции против АК Партијата и Реџеп Таип Ердоган.
Турскиот министер за внатрешни работи се осврна и на борбата против терористичката организација ПКК.
„Со општините во кои беа извршени назначувања ги исековме каротидните артерии на ПКК. Сега се обидуваат повторно да ја обединат, да ја зајакнат“, рече Сојлу, додавајќи дека терористичката организација ПКК, која, како што рече, нема друга функција освен да предизвика немири на Средниот Исток, нема да се спаси од исчезнување.
Сојлу подвлече дека ПКК се обидува да се инфилтрира и во регионот на Црното Море.
„Се обидоа да извршат активности. Загинаа наши деца. Се обидоа да формираат нова рута за илегална миграција преку Црното Море, но не им дозволивме“, нагласи тој, и додаде:
„Спроведуваме операции против дрогата, и во таа насока добија удар. Државата има моќ. Нашите деца на температура од 30 степени под 0, на снег од 5 метри вршат операции. Од друга страна, со операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, и со постојаните операции во Кандил ги напаѓавме и од југ.“
Сојлу истакна дека ниту земјите кои се нивни партнери не можат да ги спасат нив од овој ќорсокак. „Нивното едно око гледа кон Америка, а другото око кон Европа. ’Нема ли помош за нас од таму‘, велат тие. Нема да има, и ако има, нема да биде доволна“, истакна Сојлу.
„Тука во Трабзон, отворено велам, ПКК и ХДП, нема некоја сила што може да ве спаси од рацете на овој народ. Нема да спиеме и застанеме сѐ додека не се изгаси тој ’Кандил‘, и не се неутрализира и последниот терорист“, нагласи Сојлу, додавајќи дека претходно низ планините имало 15.000 терористи, додека сега останале само 700.
„Само во 2018 година нашите „лавови“ елиминираа 13 терористи кои се наоѓаат на портокаловата листа. Таканаречените терористички лидери како Мурат Карајилан, Џемил Бајик, зошто не доаѓаат на планините во Турција? Нека дојдат и нека не ги остават сами тие 700 лица. Оттука ги повикуваме, нека дојдат, штом имаат силна борба, нашите деца ги чекаат. Во Турција не им остана терорист од високо ниво“, истакна Сојлу.
Сојлу истакна дека започнале многу големи расправии, внатре, во терористичката организација.
„Во наредните денови ќе ја информираме јавноста околу тоа какви врски воспоставила Америка со ПКК, какви врски воспоставиле американските генерали со ПКК и ПЈД, како ги наградуваат и зајакнуваат. Тие високи челници кои ги фативме, зборуваат еден по еден, тие веднаш ја продаваат и Америка и Европа“, рече Сојлу.
news_share_descriptionsubscription_contact
