Ahmet Bayram
24 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
МАНИСА (АА) - АХМЕТ БАЈРАМ -
Гратчето Демирџи во западната турска област Маниса, важи за едно од најголемите центри во Турција кога станува збор за рачното ткаење на килими, пишува Anadolu Agency (AA).
Освен ткаењето, производителите во ова место го користат и традиционалниот метод на абење на килимите, со што двојно ја зголемуваат нивната вредност.

Тоа го прават на начин што, откако ќе го изработат килимот, го простираат на улица и пуштаат преку него да минуваат автомобилите и локалните жители.
Во Демирџи има голем број ателјеа и работилници во кои се врши рачно ткаење на килими.
Она што е особено интересно е дека откако ќе заврши процесот на ткаење и килимот е готов, следува процесот на абење или „забрзано застарување“ на килимите, за што некои производители се одлучуваат за хемиски, додека некои од нив за традиционалниот метод.
Природниот метод што го практикуваат производителите се огледува во тоа што откако ќе заврши процесот на ткаење, килимот се простира на улица.
На улица останува околу 15 дена и во овој период автомобилите и локалното население минуваат преку него.
Потоа му претстои петкратно перење. Колку повеќе автомобили и луѓе минуваат низ килимот, толку и самиот килим ќе добие на вредност. Килимите од Демирџи се извезуваат во САД, како и во многу европски земји.

Претседателот на Комората за трговија и индустрија во Демирџи, Нуретин Келем, истакнува дека килимот подложен на природниот процес на абење изгледа пооригинално.
„Врз основа на овој метод, рачно работен килим стар 100 години ние го добиваме во рок од еден месец. Има еден многу поприроден изглед и се продава како стар килим, антиквитет. Овие килими многу се продаваат во САД и во европските земји. На овој начин вредноста на килимите претежно се удвојува“, објасни Келем.

Али Сари, жител на Демирџи, рече дека веќе две години го практикува овој метод, додавајќи дека ваквите килими се многу барани на странскиот пазар.
Тој истакна дека во Демирџи на годишно ниво се изработуваат 15.000 квадратни метри на рачно ткаени килими, додавајќи дека метар квадратен се продава по цена од 500 до 1.000 американски долари.