Ekipa
24 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Новоизбраниот претседател на Големото народно собрание на Република Турција (TBMM), Мустафа Шентоп, изјави дека оваа функција ќе ја извршува чесно и ќе биде претставник на сите пратеници во највисоката законодавна институција на оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Шентоп избран за нов претседател на турското Собрание
Пратеникот на владејачката Партија за правда и развој (АК Партијa), Шентоп, денес е избран за нов претседател на турскиот Парламент.
Досегашниот претседател на турскиот Парламент, Бинали Јилдирим, се повлече од оваа функција заради кандидатура за позицијата градоначалник на Истанбул на локалните избори кои ќе се одржат во Турција на 31 март.
Во согласност со Уставот на Република Турција, пратениците на Парламентот новиот претседател го бираат со тајно гласање. Во првите два круга на гласањето кандидатот за претседател на Парламентот треба да освои двотретинско мнозинство во Парламентот кој брои вкупно 600 пратенички места.
Пратеникот од Текирдаг, Шентоп, во третиот круг освои 336 гласа. Гласаа вкупно 542 пратеници.
Во обраќањето во Парламентот по изборот, Шентоп истакна дека му претставува голема чест што станал претседател на Парламентот, но и дека воедно тоа е и голема одговорност која со помош на сите пратеници во наредниот период ќе ја извршува успешно.
„Она по што турскиот Парламент се разликува од парламентите во другите земји е тоа што има епитет на Парламент-ветеран. Овој Парламент не работеше само како законодавно тело, туку учествуваше и ја раководеше борбата за независност во периодот од првиот состав во кој беше и Мустафа Кемал Ататурк. И во ситуација на предавничкиот обид за пуч на 15 јули 2016 година, турскиот Парламент по вторпат покажа дека е Парламент-ветеран. Како претставник на народот, Парламентот во полн состав застана наспроти предавниците и пучистите“, изјави Шентоп.