Cemil Murat Budak,Serdar Açıl
22 Јануари 2021•Ажурирај: 22 Јануари 2021
АНКАРА
Републичкото обвинителство во Анкара издаде налог за приведување на најмалку 44 лица во рамките на истрагата за измамите на припадниците на терористичката организација ФЕТО на стручните испити за прием и напредување во службата во областа на правосудството, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Обвинителството наведуваат дека истрагата е започната откако е утврдено дека припадниците на ФЕТО во 2011 година ги украле прашањата за државниот испит за прием на судии и обвинители и дека на тој начин овозможиле инфилтрирање на новите терористички елементи во правосудните институции на Турција.
Се наведува дека станува збор за лица кои се именувани во судии и обвинители и дека дополнително се суспендирани, а за поголемиот дел од нив исто така е утврдено дека користеле „БајЛок“, апликација за шифрирана комуникација меѓу припадниците на ФЕТО.
Во тек се акциите на приведување на осомничените припадници на ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.