Sena Güler
22 Јануари 2021•Ажурирај: 23 Јануари 2021
САМСУН/АНКАРА/КАХРАМАНМАРАШ/МЕРСИН (АА) - Најмалку 29 лица, повеќето странски државјани, се приведени во Турција поради поврзаност со терористичката организација ДЕАШ, соопштија безбедносни извори, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Полициските тимови во турската црноморска област Самсун започнаа истовремени операции на 13 адреси во дистриктите Илкадим, Џаник и Чаршамба“, изјавија изворите под услов на анонимност.
За време на операцијата, приведени се четворица сириски и 10 ирачки државјани, кои биле активни во терористичката организација. Запленет е и дигитален материјал од адресите на осомничените.
Одделно, обвинителите во главниот град Анкара издадоа налози за приведување на 10 странски државјани како дел од истрагата за откривање на припадници на терористичката организација кои распределувале пари на роднините на припадниците на ДЕАШ убиени во судирите во Сирија и Ирак.
„Операцијата е започната во три области во Турција со цел фаќање на осомничените, за кои се дознава дека се вмешани во убиството на странски државјанин“, соопшти Обвинителството во Анкара.
Кратко по започнувањето на операцијата, приведени се сите 10 осомничени лица.
Во меѓувреме, во југоисточната област Кахраманмараш приведени се уште тројца осомничени од полициските тимови откако се дошло до сознанија дека се активни во терористичката организација во областите Кахраманмараш и Газиантеп.
Други двајца припадници на ДЕАШ се приведени во јужната турска област Мерсин, соопшти Командата на жандармеријата на Мерсин.
Тие организирале илегални преминувања преку турската граница за да им помогнат на припадниците на организацијата да стигнат во Европа.
Во 2013 година, Турција стана една од првите земји во светот што ја прогласи ДЕАШ за терористичка организација.
Оттогаш во земјата се извршени повеќе напади од терористите на ДЕАШ, најмалку 10 самоубиствени бомбашки напади, 7 бомбашки напади и 4 вооружени напади во кои загинаа 315 лица, а беа повредени стотици други.
Како одговор на нападите, Турција започна антитерористички операции во земјата и во странство за да спречи нови напади.