Ekip
18 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
АНКАРА
Денеска низ Турција на различни начини се одбележува Денот на сеќавање на шехидите и 106. годишнина од поморската битка на Чанаккале, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа битка, во Европа позната како Битката на Галиполе, е една од најкрвавите и најжестоките битки во Првата светска војна, но по многу показатели и во историјата воопшто.
Поморската битка која во периодот меѓу 3 ноември 1914 и 18 март 1915 година е водена на Галиполе, како и копнената битка којашто се водела на Галиполе од 25 април 1915 година до 9 јануари 1916 година, се битки кои заземаат најзначајно место во Турција, па и во историјата на сите муслимански народи на овој дел од светот.

Иако без масовни собири поради актуелните мерки за превенција од ширењето на коронавирусот, Денот на шехидите и годишнината од поморската битка на Чанаккале, односно Денот на победата, се одбележува денеска во поголемиот дел од турските градови во кои делегации положија венци на спомен-обележјата посветени на хероите кои ги положија своите животи како шехиди на Галиполе.
Делегација на областа Чанаккале положи венец на спомен-обележјето на Мустафа Кемал Ататурк на Плоштадот на Републиката.
Со церемонијата на интонирање на турската химна и подигањето на знамето оддадена им е почест на шехидите на Чанаккале.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, оддавајќи им почест на шехидите на Чанаккале, порача: „Чанаккале претставува величествен еп на нашите херојски предци против нападите на нашата света вредност и постоењето на Турците во Анадолија.“
„Нема да дозволиме спроведување на какви било игри во нашата земја. Нашата земја и народ ќе ги браниме со заедничка борба“, порача Ердоган.
Претседателот Ердоган им оддаде почит на сите шехиди и борци коишто учествувале во борбите на Чанаккале, вклучувајќи го и војсководецот и основачот на модерна Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк.