Ali Rıza Akkır
04 Јули 2016•Ажурирај: 05 Јули 2016
МУГЛА (АА) - Архитектот Орхан Чеби од гратчето Фетије, во југозападниот дел на Турција, од отпаден материјал прави уникатни мотоцикли, јавува Anadolu Agency (AA).
Чеби (49), љубител на мотоцикли сака, како што вели, да ја искористи својата креативност која ја стекнал низ годините бавење со архитектура.
Пред да премине на составување мотоцикли, Чеби најпрвин прави скици, а потоа скицата ја завршува преку наменски компјутерски програм. Потоа на отпадите бара синџири, цилиндри, ауспуси, амортизери, тркала и други делови, за да ги искористи во своите „креации”.
Чеби, како што вели, уште како дете сакал мотоцикли и откако ги завршува редовните работи кои ги има како архитект упорно ѝ се враќа на својата прва љубов, мотоциклитеö за кои многу чита и секогаш бара нови идеи за уникатни мотоцикли.

„Одредени интересни делови кои ќе ги најдам на отпадот ги употребувам за правење мотоцикли. Најмалку еднаш неделно го посетувам отпадот на кој барам нови делови. Гледам што има и велам, да, од ова може да се создаде мотоцикл”, вели Чеби кој додава дека времето потребно за изработка на мотоцикл варира.
Така, понекогаш му се потребни две недели, а понекогаш и до осум месеци за својата визија да ја претвори во дело. Тој за мотоцикл од 1970 година кој го нашол на отпад искористил околу 1.500 делови и „го вратил во живот”.
Досега направил десет мотоцикли. Архитектот Чеби кој ужива во тоа што го работи, истакнува дека ги користи повеќе деловите од мотоцикли кои се возеле во 60-те и 70-те години од минатиот век. Чеби рече дека за изработка на мотоциклите неопходно е и познавање на математика и физика за мотоциклот да биде во возна состојба.
„Сакам да изработувам фигури и релјефи на мотоциклите”, додаде Чеби кој нагласи дека за него пронаоѓањето на стари делови и нивното повторно искористување е нешто посебно.
Работата на Чеби ја пофали и турскиот мотоциклист Серкан Оздемир кој рече дека мотоциклите на Чеби, покрај тоа што се пријатни за око, може да се возат и на ритчест терен и дека со нив може да се изведуваат акробации бидејќи се прилично издржливи и функционираат без никакви проблеми.