Ahmet Furkan Mercan
31 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Властите на Република Турција ја отфрлија и остро реагираа на нацрт-одлуката која ја усвои вчера Националното собрание на Франција за осуда на антитерористичката операција која Турските вооружени сили ја покренаа во североисточниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Операцијата „Извор на мирот“ турските сили ја започнаа на 9 октомври на подрачјето на североисточниот појас на Сирија близу границата со Турција, кој беше под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК. Целта на операцијата е неутрализација на терористичката закана, воспоставување безбедносна зона за враќање на бегалците и обезбедување на турската граница.
Долниот дом на францускиот Парламент, Националното собрание, вчера ја усвои симболичната одлука со која се осудува операцијата „Извор на мирот“ и се најавува продолжување на француската поддршка на терористите на ЈПГ/ПКК кои дејствуваат под плаштот на т.н. Сириски демократски сили (SDF).
Министерството за надворешни работи на Турција денеска остро одговори на одлуката на францускиот Парламент и ја оцени за неоснована.
„Сосема е јасно дека Франција таа одлука ја донесе поради разочарувањето од нејзиниот неуспешен обид на територијата на Сирија да воспостави терористичка држава“, се наведува во соопштението на Министерството.
Во соопштението се наведува дека Франција со таа одлука и јавно признала дека е сојузник со ЈПГ/ПЈД, која е сириски огранок на ПКК, која се наоѓа и на листата на терористички организации во Европската Унија.
Исто така се наведува дека Турција воопшто не е изненадена со последната одлука на францускиот Парламент, бидејќи и претходно приемите во Елисејската палата се организирани за водачите на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Истакнувајќи дека терористите на ЈПГ/ПКК извршувале свирепи злосторства над сите етнички групи во северниот дел на Сирија, вклучувајќи ги Курдите, Арапите, Туркмените и христијаните, во соопштението се наведува дека Франција и понатаму е истрајна во неоснованата и неприфатлива пропаганда дека терористите на ЈПГ/ПКК ги претставуваат Курдите во Сирија.
„Како што велевме секогаш, операцијата „Извор на мирот“ е покрената во согласност со меѓународните правни норми, Повелбата на ОН, резолуциите на Советот за безбедност во борбата против тероризмот и врз основа на меѓународното право на Турција на самоодбрана. Легитимитетот на операцијата е потврден и со последните договори кои Турција ги потпиша со САД и Русија“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.
Укажувајќи на одлучната борба која Турција ја води на терен против сите терористички групи, вклучувајќи ја ДЕАШ, од Министерството во Анкара порачаа дека ниту една држава, вклучувајќи ја и Франција, немаат право на Турција да ѝ држат лекции за борбата против тероризмот.