Admir Fazlagic
06 Јуни 2016•Ажурирај: 07 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, попладнево преку писмено соопштение соопшти дека донел одлука да ги повлече и преостанатите решенија за помилување што беа донесени на 12 април, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изминаа десет дена откако донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за вкупно дваесет и двајца политички експонирани лица. Оттогаш, сите други лица, согласно законските измени, имаа можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Меѓутоа и покрај декларативните најави на дел од нив во јавноста дека ќе го сторат тоа, досега ниту еден од помилуваните не поднесе барање за поништување на одлуките за нивно помилување", стои во писменото соопштение од претседателот Иванов, каде се соопштува одлуката за понишување за преостанатите одлуки за помилување.
„Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно - политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија. Поради ова, денеска донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април", се наведува во писменото соопштение, каде меѓу другото се наведува дека за разлика од 12 април, денес Македонија има нова реалност.
„Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците" , пишува во соопштението на претседателот Иванов во врска со одлуката за целосно повелување на решенијата за помилување.