Özgün Tiran
13 Октомври 2018•Ажурирај: 15 Октомври 2018
КИРКЛАРЕЛИ (AA) - Озгун Тиран - Хамди Каја, кој е на 58-годишна возраст, веќе 40 години доброволно го чува манастирот „Аја Никола“ во северозападната турска област Киркларели, јавува Anadolu Agency (AA).
Каја со години ја чува оставината од византискиот период. Од утро во вечер поминува време во овој објект изграден во карпи.
Ги чисти ходниците и ги дочекува гостите во манастирот. Овој манастир, со текот на времето станал негов дом кој сега не го напушта ниту во текот на ноќта.
Во разговор за АА се присети на деновите кога тој како 10-годишник ја открил оваа историска градба. Бил на училиштен излет. Како 18-годишник дознал дека грабнувачите го оштетуваат тоа вредно богатство и одлучил да ја чува.
„Ловци на богатство копаат во манастирот и го оштетуваат. Јас тоа не можев да го прифатам. Секојдневно доаѓав и надгледував. Кога сфатив дека копаат во текот на ноќта, почнав да стражарам тука“, раскажа Каја.
Неговата сопруга е на лекување во Истанбул, децата се во брак, а Каја сега живее од бакшишот на туристите кои го посетуваат манастирот.
Во текот на викендот доаѓаат голем број домашни и странски туристи.
„Месечно доаѓаат најмалку 3.000 луѓе. Доаѓаат од Грција, Бугарија, Германија и Велика Британија. Најмногу доаѓаат свештеници од Грција. Тука чистам и чувам од оние кои сакаат да ѝ нанесат штета на оваа градба“, појасни Каја.
Според податоците кои можат да се најдат во манастирот, не е познат точниот датум кога тој е изграден. Се претпоставува, поради натписот на влезот, дека е изграден во 6 век. Реставрацијата е направена помеѓу 1870 и 1877 година.