Meriç Ürer
12 Октомври 2018•Ажурирај: 13 Октомври 2018
ИЗМИР (АА) - Судот во Турција го осуди американскиот свештеник Ендрју Брансон на три години, еден месец и 15 дена затвор, но истовремено му се укинати мерките за забрана, домашен притвор и напуштање на земјата, со што Брансон излегува на слобода, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Измир денес е продолжено судењето на американскиот свештеник Ендрју Брансон, кој е обвинет за поддршка на терористичките организации и поврзаност со нив. Имајќи го в предвид времето поминато во притвор, судот одлучи тој да биде пуштен на слобода.
Брансон присуствуваше на денешното рочиште пред 2. Казнен суд во Измир. Обвинителот во овој случај упати барање за укинување на мерките за забрана, и казнување на обвинетиот во согласност со членовите 314/3 и 220/7 од Кривичниот закон на Република Турција.
Рочиштето во Измир го следеа сопругата на Брансон, Норине, отправникот на работите на Амбасадата на САД во Анкара, Џефри M. Ховенир, голем број официјални претставници, претставници на црквата и голем број претставници на домашните и странските медиуми.
Адвокатот на Брансон, Исмаил Џем Халавурт, истакна дека неговиот клиент се придржувал до мерките за забрана што претходно му се изречени. „Имаме сведоци. Бараме тие да бидат сослушани“, изјави адвокатот Халавурт, но судијата го одби ова барање.
Судскиот совет потоа дозволи Брансон да разговара со адвокатот.
„Одбраната му ја препуштам на адвокатот. Невин човек сум. Барам ослободување. Одбраната му ја препуштам на адвокатот. Го сакам Исус, ја сакам Турција“, изјави Брансон.
По кратка пауза, судењето е продолжено, а судијата ја прочита одлуката на Судскиот совет, според која Брансон е осуден на три години, еден месец и 15 дена затвор, по член 220/7 на Кривичниот закон на Република Турција. На Брансон, исто така, му е укината мерката за забрана, домашен притвор и напуштање на земјата, со што е ослободен.
Ендрју Крег Брансон е уапсен на 9 декември 2016 година и оттогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за активности и шпионажа во корист на терористичките организации ПКК и ФЕТО. На барање на Oбвинителството, Судот во Измир на 18 јули на американскиот свештеник му изрече мерка притвор за време на судската постапка, но поради неговите здравствени проблеми таа мерка е преиначена во домашен притвор.
Во обвинението што го подигна Обвинителството во Измир се наведува дека бил во контакт со членовите на терористичката организација ФЕТО.