Enes Kaplan
13 Октомври 2018•Ажурирај: 13 Октомври 2018
КАЈСЕРИ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во турскиот град Кајсери изјави дека нема да имаат милост кон оние кои останале во терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган присуствуваше на свеченоста на отворање на повеќе објекти, организирана на Плоштадот на Републиката во Кајсери, а во оваа пригода се обрати на насобраните граѓани.
Во обраќањето Ердоган изнесе критики и на сметка на првата опозициска турска Републиканска народна партија (ЏХП), и порача:
„Целиот свет ја пофали и ѝ честиташе на Турција за успехот кој го постигнавме во Идлиб, но дали нашата опозиција зборува за тоа? Не зборува! Најголем успех на опозициската партија во нашата земја во последните 17 години е тоа што во Парламентот доведе партија со која диригира сепаратистичка организација, по принципот ’еден глас од секоја куќа‘.“
Турскиот претседател се осврна и на борбата против терористичката организација ФЕТО, која е одговорна зa обидот за пуч во земјата кој се случи на 15 јули 2916 година, и укажа дека оваа борба одлучно ќе биде продолжена.
„За оние кои останаа во ФЕТО, без разлика дали се наши татковци, наши деца или наши браќа, ние нема да имаме милост. Ќе биде сторено она што го налагаат правото и правдата“, порача Ердоган, и додаде: „Денес или утре, еден ден сите предавници сигурно ќе полагаат сметки за нивните предавства.“