Mehmet Şah Yılmaz
14 Септември 2020•Ажурирај: 15 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Хами Аксој, портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, во врска со потпишаниот договор за разбирање меѓу администрацијата на кипарските Грци и Соединетите Американски Држави (САД) изјави дека овој меморандум за разбирање нема да им служи на мирот и стабилноста во Источен Медитеран и ќе наштети и во изнаоѓањето решение за кипарското прашање, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот Аксој даде писмен одговор во врска со потпишаниот договор за разбирање меѓу администрацијата на кипарските Грци и САД.
Аксој, во врска со договорот потпишан меѓу администрацијата на кипарските Грци и САД на 12 септември, истакна дека турскиот дел од Кипар не го признава договорот кој предвидува формирање на „Центар за безбедност на копно, отворено море и на пристаништата“ на грчката администрација на Јужен Кипар.
„Овој договор за разбирање нема да им служи на мирот и стабилноста во Источен Медитеран и ќе наштети во изнаоѓањето решение за кипарското прашање“, напиша Аксој, истакнувајќи дека САД со отстранувањето на ембаргото за оружје и со вклучувањето на грчката страна во Програмата за воена обука (IMET) презеле чекори со кои ја нарушиле рамнотежата меѓу двата народа што живеат на островот, и ги зголемуваат тензиите во Источниот Медитеран.
Портпаролот Аксој обрна внимание врз фактот дека шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, за време на својата посета на островот, спротивно на вообичаеното, немал средба со претставниците на турскиот дел на Кипар, и додаде:
„Сигурно е дека единствениот резултат од преземените чекори со исклучување на кипарските Турци, кои имаат еднакви права со Грците на островот, ќе биде зајакнување на непопустливоста на Грците и сигурно е дека нема да ја охрабри администрацијата на кипарските Грци да заземат мирољубив став во решавањето на кој било проблем.
Ги повикуваме Соединетите Американски Држави да се вратат на својата традиционална политика на неутралност во врска со островот Кипар и да го дадат својот придонес во напорите за решавање на кипарското прашање.“