Burcu Arik
01 Април 2018•Ажурирај: 02 Април 2018
АНКАРА (АА) - Началникот на турскиот Генералштаб, генерал Хулуси Акар, соопшти дека терористичката организација ПКК претрпела големи жртви во операциите против тероризмот спроведени низ целата земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според денешното соопштение на турскиот Генералштаб, Акар вчера престојувал во посета на војниците што учествуваат во антитерористичките операции во источните турски области Елазиг, Тунџели и Малатија.
Акар беше придружуван од командантот на турските копнени сили, генерал Јашар Гулер и командантот на турските воздухопловни сили, генерал Хасан Кучукакјуз.
Во говорот во текот на посетата, Акар истакна дека турската Армија им зададе голем удар на терористите на ПКК. „Антитерористичките операции ќе продолжат непрекинато, дење и ноќе, лете и зиме", рече началникот на турската Армија.
ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, спроведува терористичка кампања против Турција повеќе од 30 години и е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе.
Повеќе од 1.200 турски безбедносни лица и цивили, вклучувајќи голем број жени и деца, се убиени од јули 2015 година, кога групата ја продолжи вооружената кампања против земјата.