Efsun Yılmaz
31 Март 2018•Ажурирај: 01 Април 2018
ИЗМИР (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, во врска со изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Франција може да посредува меѓу Турција и терористичката организација СДФ, порача дека Турција не преговара со терористите, не се ракува со нив, туку ги уништува во корен, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим денес престојуваше во турскиот град Измир, каде што присуствуваше на церемонијата на отворање на државната болница. Во обраќањето на церемонијата, Јилдирим се осврна на неодамнешните изјави на францускиот претседател Емануел Макрон, кој изјави дека Франција може да посредува меѓу Турција и терористичката организација СДФ.
„Турција не преговара со терористите, не се ракува со нив, туку ги уништува во корен. Како што го правевме тоа во Африн, за време на офанзивата на „Штитот на Еуфрат“, решени сме да ги уништиме терористите во сите региони“, рече Јилдирим и додаде:
„А Франција е членка на НАТО, заедно со нас. Доколку имате потешкотии да ја разберете Турција, зарем не можете да земете поука од минатото? Зарем сакате народот во Сирија да ја доживува онаа болка која вие ја нанесовте во Алжир? Сите терористички организации кои вршат насилство врз народот на Сирија, за нас се исти. Доколку Макрон сака да биде судија меѓу терористичките организации, нека го прави тоа. Турција не соработува со терористите.“
Францускиот претседател Емануел Макрон пред два дена во Париз ја прими делегацијата на т.н. Сириски демократски сили (СДФ), кои дејствуваат под плаштот на терористичката организација ПЈД/ПКК во Сирија.
Тој тогаш вети поддршка на СДФ во борбата против терористите на ДЕАШ во Сирија и додаде дека таа поддршка се однесува на воспоставувањето безбедни зони на северисточниот дел на Сирија и воспоставување легитимна управа која во тој регион ќе го спречи препородот на ДЕАШ на тоа подрачје.