Gülşen Çağatay
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Фатих Донмез, информираше дека бродот „Кануни“ се подготвува да исплови за да започне со сондажата во Црното Море, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Донмез, преку својот профил на социјалната мрежа Твитер сподели видео во времетраење од 46 секунди, на кое се гледаат кадри од бродот за сондажа „Кануни“.
Тој во објавата вели: „Кануни се подготвува да заплови за сондажа во немирното Црно Море. Започна одбројувањето...“
- Бродот за сондажа „Кануни“ -
Бродот „Кануни“, што на почетокот од годината стана дел од составот на Турската национална нафтена компанија TPAO, изграден е во 2012 година. Овој брод со способност да спроведува сондажа на длабочина до 11.400 метри, спроведувајќи сондажни дупчења до 3.000 метри, познат е и како шеста генерација ултрабродови за поморска сондажа.
„Кануни“, кој исплови од пристаништето во Мерсин на 13 октомври, со средна брзина од 8 наутички милји (14,8 км/ч), на 19 октомври мина низ Истанбулскиот Теснец и се усидри на пристаништето „Хајдарпаша“.
Третиот турски брод за сондажа „Кануни“, на церемонијата организирана на 13 ноември, на која учествуваше и министерот за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, исплови од Истанбул и веќе на 14 ноември пристигна на пристаништето „Филјос“.