Handan Kazancı
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Турција во изминатите 24 часа регистрирани се уште 30.402 случаи на коронавирусот, меѓу кои 6.093 симптоматски пациенти, покажуваат податоците на турското Министерство за здравство објавени денес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во земјата во истиот период евидентирани се 4.011 оздравени пациенти, со што вкупниот број на излекувани од вирусот се искачи на 431.253.
Новите симптоматски случаи го зголемија вкупниот број на пациенти на 539.291, додека бројот на починати се искачи на 14.900, од кои 195 смртни случаи во изминатото деноноќие.
Низ земјата реализирани се 174.000 тестирања за Ковид-19, со што вкупниот број на спроведени тестирања од почетокот на епидемијата надмина 19,69 милиони.
Бројот на пациенти во критична состојба е 5.805.
„Се надеваме дека ќе го видиме влијанието на мерките и ограничувањата“, напиша турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, на Твитер, повикувајќи се на полицискиот час кој беше воведен минатата недела.
Апелирајќи до јавноста да ги почитува мерките, Коџа рече: „Избегнувајте метежи, дури и без ограничувањата“.
Пандемијата на Ковид-19 однесе над 1,53 милиони животи во 191 земји и региони.
Во светот регистрирани се над 67 милиони заразени, над 46,4 милиони излекувани лица, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Додека САД, Индија и Бразил остануваат најтешко погодените земји во однос на бројот на случаи, Европа е во грч од вториот бран на вирусот.