Muhammet Emin Avundukluoğlu
10 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Процесот на контрола и подготовка на Турција на рускиот ракетен систем С-400 продолжува според планираното, изјави турскиот министер за одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Процесот за С-400 се следи земајќи ги предвид политичките, воените, економските и технолошките димензии“, рече Хулуси Акар во обраќањето пред пратениците за време на дебатите за буџетот за 2021 година во Парламентот.
Соединетите Американски Држави (САД) официјално ја тргнаа Турција од заедничката програма за воените авиони Ф-35 во јули 2019 година, поради одлуката на Анкара да го купи напредниот руски систем за противвоздушна одбрана.
Акар исто така рече дека вкупно 20.610 лица се отпуштени од турската Армија од неупешниот обид за пуч во 2016 година на терористичката организација ФЕТО.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стои зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој животот го изгубија 251 лица, а речиси 2.200 беа повредени.
Терористичката ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање на турските институции, особено војската, полицијата и судството.
Акар во својот говор во Парламентот го критикуваше и ставот на Грција во врска со прашањето за Источниот Медитеран.
„Грција е земјата што сака да ги ескалира тензиите во Медитеранот“, рече тој.
„Ние, од друга страна, продолживме да ги поддржуваме прелиминарните и состаноците за градење доверба, и иницијативите за дополнителни состаноци на генералниот секретар на НАТО од самиот почеток,“ додаде Акар.
Турција, која има најдолго континентално крајбрежје во Источниот Медитеран, ги отфрли тврдењата за поморските граници на Грција и администрацијата на кипарските Грци и истакна дека овие претерани тврдења ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци.
Анкара во последните месеци испрати неколку сондажни бродови за истражување на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, бранејќи ги своите права во регионот, како и правата на Турската Република Северен Кипар.
Турските лидери во неколку наврати нагласија дека Анкара е за решавање на сите отворени прашања во регионот преку меѓународното право, добрососедските односи, дијалог и преговори.