Ömer Tuğrul Çam
11 Февруари 2022•Ажурирај: 13 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека Русија го зголемила своето воено присуство во и околу Украина и дека постои ризик од нов оружен конфликт во Европа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг одржа заедничка прес-конференција со романскиот претседател Клаус Јоханис во воената база „Михаил Когалникану“ за време на неговата посета на Романија.
Одговарајќи на прашањето за ризикот од руска инвазија на Украина или конфликт, Столтенберг рече: „Во моментов гледаме дека Русија продолжува да го зголемува своето воено присуство во и околу Украина. Затоа, постои реален ризик од нов оружен конфликт во Европа.“
Столтенберг, нагласувајќи дека бројот на руски војници во регионот е зголемен, рече дека постои ризик од целосна инвазија на Украина од страна на Русија.
„Исто така, постојат и ризици поврзани со други агресивни дејствија. Меѓу нив се вклучени обиди за соборување на Владата во Киев, хибридни кибернапади и многу други руски агресии“, рече Столтенберг.
Наведувајќи дека има многу руски разузнавачи во Украина и дека Русија и претходно покажувала агресивни дејствија против Украина, Столтенберг нагласи дека сиве овие елементи бараат да се биде внимателен.
Столтенберг рече дека во последните месеци го зајакнале источното крило на НАТО, и дека со САД и Велика Британија се подготвени дополнително да го зајакнат со авиони, бродови и борбени единици.
Меѓу другото, Столтенберг нагласи дека плановите за зајакнување на присуството на НАТО во источниот и југоисточниот дел на Европа ќе бидат разгледани на состанокот на министрите за одбрана на НАТО што ќе се одржи во Брисел на 16 и 17 февруари.