Cem Genco
05 Јануари 2022•Ажурирај: 06 Јануари 2022
ХАТАЈ
Турската хуманитарна организација ИХХ во текот на изминатата година подели хуманитарна помош за 1,15 милиони луѓе во Сирија, соопшти Џунејт Килич, потпретседателот на оваа организација, кој е задолжен за хуманитарната кампања во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Килич наведе дека продолжуваат напорите за помош во земјата разорена од војна.
„Во 2021 година ИХХ во Сирија испрати над 2.500 камиони хуманитарна помош, тешка 65.000 тони“, рече Килич.
Главно се работеше за храна, ќебиња, гориво, облека, шатори и средства за лична хигиена.
„Ова го споделивме со семејствата, жртвите на војната кои се обидуваат да преживеат во шатори и разни населби“, рече тој, додавајќи дека вкупниот број камиони со помош испратени во Сирија од 2011 година е поголем од 24.000.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Според проценките на ОН, стотици илјади луѓе се убиени, а повеќе од 10 милиони се раселени.