Sidar Can Eren
04 Септември 2022•Ажурирај: 05 Септември 2022
ТУНЏЕЛИ (АА) - СИДАР ЏАН ЕРЕН -
Реката Мунзур во подрачјето на Оваџик, во источната турска област Тунџели, потсетува на природен аквариум со богатиот подводен свет, чистата вода и тиркизно синиот изглед, пишува Агенција Анадолија (АА).
Сместен помеѓу планините Мунзур и Мерџан, Оваџик, на надморска височина од 1.500 метри ги дочекува туристите од околните градови.
Во областа, која се истакнува со својата недопрена природа, се наоѓа Националниот парк на долината Мунзур, Караѓол, езерата Катир и кањонот Мерџан.

Реката Мунзур, која минува низ областа со околу 7.000 жители, е една од најважните туристички атракции на ова место. Реката Мунзур ја посетуваат љубителите на планинарењето, кампувањето, рафтингот и пливањето, особено во лето.
Посетителите кои доаѓаат во областа, како и локалното население, се капат и уживаат на брегот на реката, која привлекува внимание со својата чиста вода и тиркизно сината боја.
Мунзур е живеалиште на многу живи суштества. Реката во којашто живеат загрозените црвенодамкаста пастрмка и видрите, е дом и на чапји, крапови, жаби, ракови, желки и патки.

Љубителот на природата Онур Бал за АА изјави дека Тунџели се издвојува по своето природно, историско и културно богатство.
Наведувајќи дека подрачјето нуди различни убавини во текот на сите годишни времиња, Бал рече дека Оваџик секоја година го посетуваат многу туристи од сите делови на Туркије.
Бал истакна дека малата река Мунзур е од големо значење за градот: „Оваа река извира од селото Зијарет и се влева во езерото Узунчаир. Мунзур ги оживува патиштата низ кои минува. Постојат различни видови дрвја и растенија на бреговите на реката. Покрај тоа, во водите на реката живеат црвенодамкастата пастрмка и разни други видови.“
Тој додаде дека најголемиот дел од слободното време го поминува во природа.
„Се шетам покрај брегот на реката Мунзур. Имам можност одблиску да ги видам птиците, пеперутките и рибите во Мунзур. Секој треба да ја штити оваа природна убавина“, рече Бал.